На социјалните мрежи се шират видеа кои ги споделуваат жители на Тетово, во кои се гледа тетовскиот ковид центар кој е зафатен од голем пожар. Според информации од терен, вечерва избувнал голем пожар во просториите на модуларната ковид болница во Тетово. Информацијата ја потврди и министерот за здравство Филипче кој веднаш отпатува за Тетово. Има и жртви, но се уште не се знае точната бројка.
„Страотна несреќа се случи во Тетово каде има и жртви во пожарот кој го зафати Ковид центарот. Точниот број на лица кои го загубиле животот, повредените и нивната состојба се утврдува во моментов“, соопшти пред малку министерот за здравство, Венко Филипче на неговиот официјален Твитер налог.
Противпожарните екипи кои се на терен интервенираат во обид да го спречат ширењето на пожарот.
И од извори на ЦИВИЛ МЕДИА неофицијално дознаваме дека во пожарот има и жртви. Точната бројка никој не ја соопштува.
За несреќата на својот твитер профил претходно извести и министерот Венко Филипче: „Во моментов се движам накај Тетово каде, за жал, има пожар во Ковид центарот. Во најскоро време по увид на состојбата ќе споделиме официјални информации што точно се случува. Апелирам за смиреност додека ги чекаме деталите за несреќата“.
Екипа на ЦИВИЛ МЕДИА е на терен и ќе известува со нови информации во врска со случајот.