Судењето за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и денеска повторно се одложи поради отсуства на обвинетиот Леко Ристоски, кој имал операција. Од истата причина вчера се одложи и рочиштето за случајот „Титаник“.
Судењето за „Талир“ требаше да стартува на 18 февруари, но оттогаш не е оддржано ниту едно рочиште, поради различни изговори.
Минатото рочиште беше одложено на барање на одбраната, поради поднесено барање за автентично толкување во Собранието на членот 22 од законот за СЈО.
Собранискиот спикер Талат Џафери писмено го известил адвокатот Дончо Наков дека Собранието сè уште не извршило автентично толкување на Законот за СЈО, бидејќи прво и Владата треба да даде зелено светло. Наков кој е дел од обраната на обвинетите во „Талир“, за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе бара од Владата побрзо да се изјасни.
На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.
Постојаното одложување на рочиштата за овој предмет, но и преговорите за судбината на СЈО, предизвикуваат сериозни реакции во јавноста.
И сега во наредните 20 години ние ќе расправаме дали СЈО или ЈО е надлежно да го гони предметот за незаконско финансирање на ВМРО. И се додека не падне во заборав и застари.
— Александар Тортевски (@a_tortevski) May 28, 2019
Адвокатот Александар Тортевски на својот Твитер профил денеска кусо го искоментира повторното одожување на предметот „И сега во наредните 20 години ние ќе расправаме дали СЈО или ЈО е надлежно да го гони предметот за незаконско финансирање на ВМРО. И се додека не падне во заборав и застари“, пишува Тортевски.
М. И.