Власта и опозицијата постигнаа напредок во преговорите за новиот закон за Јавно обвинителство. Работните групи ги приближија ставовите за финансирањето и одговорноста на целото Обвинителство во земјава.
„Имаме приближување на ставовите во делот на буџетот што би го имал обвинителството, воопшто зборувам за целокупното Обвинителство, значи да го зголемиме буџетот на обвинителството како би добиле поголема самостојност како орган. Во секој случај, треба да најдеме модуси и за поголема одговорност на вработените и на самите обвинители“ – изјави Оливер Ристовски, заменик министер за правда.
Средбата траеше околу еден час, а е прва после долгиот прекин на средбите на работните групи што ги водеше Министерството за правда. Денешната средба се одржа во Владата.
А. Зеќири