Вчера на сила стапи Законот за странци, а ќе започне да се применува по една година. Законот ги уредува условите за влез, напуштање и престој на странците во Република Македонија, како и нивните права и должности. Со денот на започнување на примената на новиот закон ќе престане да важи досегашниот Закон за странците што беше донесен во 2006 година.
Од Македонското здружение на млади правници соопштија дека е за поздравување тоа што со Законот се предвидува можност за добивање на постојан престој на лицата кои по распадот на СФРЈ останале без државјанство, а живеат во Македонија каде што имаат оформено трајни и нераскинливи врски, со што овие лица последователно ќе бидат во можност да се стекнат со македонско државјанство.
Сепак, МЗМП се загрижени што во подготовката на предлог-текстот на Законот не биле вклучени сите релевантни актери, а особено претставниците на граѓанскиот сектор кои работат во оваа област, ниту пак истиот беше достапен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, спротивно на Деловникот на Владата на РМ, поради што беше исклучена можноста на заинтересираните страни да достават свои мислења и предлози.
Но, генералната оценка е дека ова е позитивно решение кое во голема мера ќе обезбеди решавање на ситуацијата на голем број на лица во социјален ризик, кои во државата немаат пристап до здравствена заштита, образование, вработување и други права поради тоа што немаат државјанство на ниту една земја. Сепак, воедно сметаме дека потребно е допрецизирање на оваа нова одредба, со цел да не создаде забуни кај лицата кои треба да го регулираат престојот на овој начин и дека неопходно е да се превенира можниот ризик од преголема дискреција на службениците кои одлучуваат по барањето за престој.
МЗМП се надева дека со новото законско решение за одобрување на постојан престој ќе се отвори можност да биде решен статусот на дел од лицата без државјанство во Македонија кои ги исполнуваат предвидените услови. Воедно се надеваме и дека преку сеопфатен национален дијалог во Република Македонија соодветно ќе се одговори на идентификуваните недостатоци на новодонесениот Закон.
МЛ