ЦИВИЛ веќе дваесет години во континуитет ја алармира јавноста за лошата состојба на човековите права во пенитенцијарните установи во земјава. Уште во 2000 година, ЦИВИЛ спроведе истражување на состојбите во 13 установи од затворен карактер (затвори, притвори и поправни домови) при што утврди тешко кршење на човековите права и слободи на луѓето лишени од слобода.
Во меѓувреме на својата медиумска платформа со години наназад ЦИВИЛ објавуваше низа прилози за условите во затворските установи. Еден од нив е и прилогот што произлезе од пријава од граѓанска новинарка, а по кој ЦИВИЛ Медиа го подготви документарниот прилог „Шести“ за смртта на 25 годишниот затвореник во штипскиот затвор.
Конечно состојбите во казнено поправните домови дојдоа на ред на јавната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните.
Во заклучоците од оваа расправа се вели дека во најкус можен рок треба да се направи преместување на малолетните осудени лица од затворот во Охрид во Воспитно поправниот дом во Тетово. Понатаму, да се забрза изградбата на притворското одделение во рамките на КПУ Идризово, да се подобри третманот за ресоцијализација, да се обезбеди на 24 часовна здравствена заштита за осудените и притворените лица, но и да се зголемат финансиите на казнено – поправните установи за да се овозможи соодветно управување и подобрување на условите во затворите за осудените лица и да се вработат нови стручни кадри, како социјални работници.
М. И.