Државната изборна комисија вчера го заклучи Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори на 15 јули, а право на глас ќе имаат еден милион 814 илјади и 263 гласачи.
Во изводите на Избирачкиот список се запишани еден милион 729 илјади и 189 лица.
Лица кои се иселиле или работат во странство во посебните избирачки изводи се запишани 83.054 гласачи. Во посебниот избирачки список за лицата во затвор и во притвор се запишани 1.657 гласачи, во старските домови 357 и шест лица се водат како внатрешно раселени лица.
ДИК го донесе и Упатството за начинот на гласање на избирачките места со помалку од 10 избирачи, со кое од вкупно 3480 избирачки места, во 90 избирачки места – на подрачјето на 29 општински изборни комисии се евидентирани помалку од 10 гласачи, со што гласачите од овие избирачки места своето право на глас ќе може да го остварат на најблиското избирачко место со над 10 гласачи, откако претходно ќе бидат известени за местото каде што ќе можат да го остварат своето право на глас.
Исто така, на затворениот дел од седницата, ДИК го утврди изгледот на гласачкото ливче за Предвремените избори за пратеници во Собранието на Рапублика Северна Македонија, за 15 јули 2020 година.
Дваесетдневната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија закажани за 15 јули започна на 24 јуни и ќе трае до 12 јули на полноќ, по што следува тридневен молк. Ова се најспецифичните избори што ќе се одржат во земјата имајќи ја предвид ситуацијата со Ковид-19 и мерките што учесниците, гласачите и изборната администрација треба да ги почитуваат за да си го заштитат здравјето.
На парламентарните избори учествуваат 15 коалиции и политички партии, од кои најголем дел веќе ги почнаа своите активности со промоција на програмите и теренски посети и средби со граѓани.
Кампањата ќе трае до 12 јули на полноќ, кога ќе настапи тридневен молк. На 13 јули ќе гласаат болните од Ковид-19, и лицата во карантин и во самоизолација, но само оние што седум дена претходно ќе се пријават за тоа. Сите останати кои до денот на гласање ќе бидат потврдени како позитивни или ќе одат во самоизолација нема да можат да гласаат на 15 јули. На 14 јули ќе гласаат болните и изнемоштените, како и затворениците и лицата кои се во притвор. Гласањето на 15 јули почнува во 7 часот наутро и ќе биде два часа продолжено и завршува во 21:00 часот.
Избирачот кој е во домашен карантин поради позитивен тест на КОВИД-19 и избирачките на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат, а сака да гласа, за тоа треба да ја извести општинската изборна комисија, најдоцна седум дена пред денот определен за гласање.
При доставувањето на известувањето, во прилог задолжително треба да се достави копија од Решение на Државен санитарен и здравствен инспекторат, и кога избирачот ќе ја достави копијата, комисијата по електронски пат потребните документи треба да ги прикачи кон барањето како скенирани прилози.
Овие лица ќе гласаат во своите домови на 13 јули.
А. П.