Два месеца пред локалните избори се дефинираат коалициите на партиите за заеднички настап во повеќе општини. Потпишување договор за соработка со најголемата македонска опозициска партија најави Алијанса за Албанците откако тоа завчера го навести и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вчера изјави дека се во тек преговори за заеднички настап на изборите, а најверојатно идната недела ќе потпишат и договор за соработка. Исклучи секаква можност за соработка со ДУИ за Скопје, бидејќи партијата на Али Ахмети ќе коалицира со СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика на обединување во голем опозициски блок против СДСМ и ДУИ.
Со порака на Фејсбук изрази жалење што опозициската Левица ја одбива, како што напиша, „подадената рака за обединување со опозицијата“ и дека тоа е можеби „резултат на недостаток на политичкото искуство на раководството на Левица“. Тој обвини дел од раководството на Левица дека има лична одговорност за носењето на коалицијата СДСМ и ДУИ на власт.
Коментирајќи ја можната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива, премиерот Зоран Заев одговори дека доколку Мицкоски сака поддршка од сите граѓани, треба да се обрати до сите заедници, а не само кон една.
Tој не гледа закана во најавеното коалицирање меѓу Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ, но тврди дека поддржувачите на едната нема да гласаат за другата партија затоа што е тоа израз на нивните политики.
Лидерот на СДСМ не планира соработка со Левица затоа што, рече, партијата на Апасиев има радикални политички ставови и е отворено против НАТО, Албанците и другите малцинства, стратешките партнери ЕУ и САД и против соседите.
По 35-те објавени кандидати за градоначалници, најави дека СДСМ ќе донесе одлуки и за кандидати за уште 35, меѓу кои и за големи градови како Куманово, Струмица, Охрид, Битола…, во десетина општини нема да има кандидати и ќе ги поддржи предлозите на партнерите во коалицијата. Во првиот круг од изборите очекува, како што рече, убедлива победа во 30 општини и во град Скопје односно во половина од местата каде што конкурираат директно со нивниот опонент.