Речиси 90 отсто од предизборната кампања се водела на интернет, а содржините од „црната кампања“ и од „непознат нарачател“ биле побројни од вкупниот број партиски митинзи, трибини и средби со граѓаните, покажува мониторингот на предизборната кампања што тимовите на ЦИВИЛ го спроведоа од 20 јуни до 15 јули на полноќ.
Тимот за мониторинг на партиското финансирање на предизборните активности регистрираше вкупно 1.286 партиски активности и предизборни содржини. Повеќе од половина, 656 или 51 отсто, биле спонзорирани содржини на социјалните мрежи, во огромно мнозинство на социјалната мрежа Фејсбук.
Партиите во кампањата продуцирале 475 видео-содржини, од промотивни спотови, преку инсерти од емисии, до видеа за „црна кампања“, односно оцрнување на политичкиот противник.
Нецели десет отсто од предизборните активности, или 122 активности, биле собири и митинзи или партиски трибини. Во 90 случаи партиите дистрибуирале печатени брендирани материјали, од промотивни материјали на собири, до летоци за црна пропаганда против друга партија.
Мониторингот евидентираше и 46 случаи на скриено рекламирање и кампања, „маскирани“ како други содржини, и 19 случаи на платено политичко рекламирање вон законски утврдените правила, како транспаренти и банери „случајно“ поставени на јавни места.
Во кампањата, која остави впечаток на можеби највалкана досега, тимот за мониторинг изолираше 166 автентични содржини наменети да оцрнат политички противник, од кои 119 од непознат нарачател. Бројот на споделувања на ваквите содржини е неколкукратно поголем.
Од вкупно 1.286 содржини и активности во кампањата најмногу, вкупно 435, биле нарачани или организирани од партијата ВМРО-ДПМНЕ. На второ место е СДСМ со 358 платени содржини и активности.
Карактеристично за оваа предизборна кампања, трет „субјект“ според обемот на предизборна активност е „непознат“ – вкупно 136 платени содржини и активности биле од непознат нарачател.
Следат Левица со 115 содржини, Алијанса за Албанците со 107, од кои дваесетина со Алтернатива, ДУИ со 59, ДПА со 10, БЕСА со 4 и Интегра со 3 регистрирани активности.
Од 136 содржини од непознат нарачател, најчесто видеа, 119 биле наменети да оцрнат партија – 95 биле против СДСМ а 24 против ВМРО-ДПМНЕ. Останатите биле за анонимна промоција на партија – 8 за ВМРО-ДПМНЕ, по два за ДУИ и за СДСМ, а останатите по една за други партии.
Во педесетина случаи партиите директно и јавно им се спротивставиле на своите политички противници. ВМРО-ДПМНЕ била нарачател на 34 видеа или печатени материјали за црна кампања, СДСМ во 11 случаи, а во два Алијанса.
Мониторингот регистрираше и шест случаи во кои партиите ги обвинија своите противници за купување гласови. На 21 јуни, ТВ Алфа објави прилог во кој се зборува за наводно поткупување гласачи од страна на СДСМ во Прилеп. Активисти на партијата, користејќи службено комбе на државен дом за стари лица надвор од работното време, товареле вреќи во еден од штабовите на СДСМ во градот). На 24 јуни Порталот „Економски лидер“ објавува напис во кој се обвинува СДСМ дека на првиот ден од кампањата, партијата врши поткуп на гласачи од ромска националност во Гостивар. Објавени се две фотографии на кои се гледа како луѓе чекаат на ред за да добијат некакви пакети, како и видео на кое не се гледаат злоупотреби. Написот го преземаат низа други медиуми. На 26 јуни, порталот Република објавува напис во кој се обвинува СДСМ дека „дели поткуп по домаќинства“ во Ѓорче Петров. Фотографиран е човек како носи пакет, како и возило полно со пакети. Написот е пренесен на повеќе други портали.
На 30 јуни советничката во Град Скопје од редовите на Левица, Драгана Велковска обвинува дека Град Скопје во итна постапка и без образложение донел одлука да се доделат 20 милиони денари за реконструкција на пат во Бојане. Според Велковска, потегот на СДСМ и ДУИ претставува обид за поткуп на гласачите од селото.
На 10 јули, МВР уапси четири лица поради изборен поткуп, а кај нив се пронајдени промотивни материјали од политичка партија и пари. Според МВР, „во врска со пронајдениот список повикано е лицето Б. Т. и истиот при разговор признал дека во месец мај од страна на СВР Штип му била поднесена кривична пријава по член 215 од КЗ, по што истиот се обратил кај С.И., а тој му ветил дека ќе му помогне доколку Б.Т. обезбеди 20 гласачи за политичката партија. По ова ветување, Б.Т., направил список, разговарал со лицата од списокот и ги убедил истите да гласаат за оваа партија за да му помогнат да не оди во затвор. По ова, Б.Т. заедно со С.И. списокот на потенцијалните гласачи го предале во политичката партија.“
На денот на изборите, 15 јули, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на Фејсбук објавува случај во Штип, каде полициски службеници од Секторот за внатрешни работи извршиле е претрес на дом кај лицето А.М. (35) при што се пронајдени и одземени еден мобилен телефон и повеќе листови од тетратки на кои рачно имало напишано список од околу 250 лица со лични податоци и матични броеви на лица од ромска националност. Според МВР, човекот имал список во продавница, а од страна на политичка партија му бил ветен паричен надомест ако ги чува документите на луѓето кои му должеле пари.
За возврат, лицето требало да им ги избрише долговите на луѓето, тврди МВР.
Случајот беше објавен претходно (на 10 јули), кога МВР соопшти помалку детали.
На ова, на 11 јули, реагираше заменик-министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска, која тврдеше дека сите сослушани граѓани чии лични документи се најдени во продавницата во Штип, изјавиле дека личните документи не им се земени заради поткуп, туку заради долг.
Мониторингот евидентираше и два случаја на користење на јавни добра за предизборни цели, односно два собира на граѓани организирани од Алијанса за Албанците во селата Желино и Челопек кои се одржаа во училишни дворови.
Два пати беше евидентирано и користење службени возила за предизборни активности. На 22 јуни носителот на листата на ДУИ во петтата изборна единица Талат Џафери, според извештаите на набљудувач на Цивил, се појавил на партиска средба со граѓани во Ростуше со службен автомобил на Собранието. На 29 јуни во скопско Ново Лисиче е евидентирана употреба на две службени возила за партиски потреби од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Мониторингот забележа и неколку случаи на промоција на инфраструктурни проекти во предизборни цели, како случајот на 2 јули, кога Теута Арифи на Фејсбук објавуви спонзориран пост со информација за почеток на општински проект за реконструкција на основно училиште во Мала Речица.
Вкупно 67 настани и содржини од предизборната кампања се случија вон периодот предвиден за неа. Од 20 до крајот на 23 јуни, пред официјалниот почеток на кампањата на 24 јуни, евидентиравме 20 настани, од кои половина средби или митинзи.
Во периодот на изборниот молк, на 14 и 15 јуни, пак, забележавме вкупно 47 активности, од кои 20 на денот на гласањето. Сите беа содржини на Фејсбук, освен два случаја на растурање летоци во Тетово. Од 47 содржини, 27 беа видеа или инсерти од емисии. Во 9 случаи содржината била нарачана или споделена од Алијанса за Албанците, во 6 од ВМРО-ДПМНЕ, во 5 од Левица, во 2 од СДСМ и по еднаш од Алтернатива и ДУИ. Во 23 случаи нарачателот бил непознат: 9 пати против ВМРО-ДПМНЕ, 8 против СДСМ и еднаш против ДУИ. Пет содржини од непознат нарачател биле афирмативни – еднаш за ДПА и четири пати за ВМРО-ДПМНЕ.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ