Црвениот крст на Македонија се вклучува со сите капацитети во хуманитарната мисија за спасување на цивилното мирољубиво население од Авганистан Црвениот крст, во соработка со останатите меѓународни организации, ќе се вклучи со сите капацитети во големата хуманитарна меѓународна мисија за спасување на цивилно мирољубиво население.
На денешниот координативен состанок во Владата на Северна Македонија со сите вклучени чинители во мисијата, претставниците на Црвениот Крст ги презентираа плановите за прифаќање и помош на граѓаните кои ќе пристигнат во следните неколку денови.
Тие, заедно со останатите организации ќе обезбедат соодветни информации, превод и комуникација со лицата согласно нивните потреби. Исто така, ќе се обезбедат и основни средства и пакети за хигиена, а ќе бидат задоволени и сите медицински потреби на лицата, во координација со Министерството за здравство. Северна Македонија има преземено обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално населени од Авганистан. Лицата кои ќе пристигнат во земјава се вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарни, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка за НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
На состанокот во Владата беа разгледани сите оперативни аспекти во врска со привременото сместување на лицата во хотели и мотели, па се до трансферот до нивните крајни дестинации. Трошоците од сместувањето до нивните крајни дестинации, како што се САД или трети земји, ќе бидат покриено од меѓународните организации.