„Темите за кои разговаравме беа претседателските избори и идниот тек на реформските закони кои се многу важни за граѓаните и датум за почеток на преговори со ЕУ“ – изјави премиерот Зоран Заев по тричасовната средба со Христијан Мицкоски зад затворени врати. За разлика од Мицкоски кој изјавата ја даде надвор, премиерот одржа прес конференција внатре, во холот на владината зграда.
Премиерот ја извести јавноста дека со Мицкоски разговарале за организирање фер и демократски избори. „СДСМ го поддржува кандидатот Стево Пендаровски, ние сме фаворити на овие избори“ – изјави Заев – „Разговаравме и за сите мониторинг мисии. Дури отворивме иницијатива да ги дополниме местата со мониторинг“.
Во врска со законот за јавното обвинителство, Заев изрази задоволство што се договорил со Мицкоски да се формираат работни групи кои ќе работат на финализирање на законот.
„Отворив прашање за процесот на помирување кој треба да продолжи“ – изјави премиерот Заев.