Премиерот Зоран Заев го посети настанот „Запознај ја Преспа“ во текот на викендот што измина. Дводневниот настан, чија богата програма привлече голем број луѓе од целиот регион, коинцидира со годишнината од историскиот договор постигнат на 17 јуни 2018 меѓу Северна Македонија и Грција, со што се надмина деценискиот спор меѓу двете земји.
„Убеден сум дека ќе го привлечеме вниманието на сите граѓани од Северна Македонија, да го користат целиот летен период за да го посетат Преспанското Езеро и да ги видат убавините“, порача премиерот при посетата. Тој истакна дека се надева дека со настанот „Meet Prespa”, што се одржува викендов во Преспа, се започнува една убава традиција што ќе го одбележи пријателство, меѓу Северна Македонија, Албанија и Грција, посебно преку дружењето меѓу младите. „Младите кои се тука од нашата земја, Албанија и Грција се навистина одличен пример на соработка, на иднина, на перспективи. Верувам дека овој туристички потенцијал заедно со моментумот на политичкиот договор што значи прогресивност и иднина, ќе одбележи една одлична можност ем на дружење, ем на креативност и на развој на туризмот на ова прекрасно место“, изјави Заев.
Во рамки на дводневниот настан „Запознај ја Преспа” на плажата Дупени се одржа и дегустација на традиционална храна каде што присутните имаа можност да ги вкусат највкусните традиционални специјалитети како ѓомлезе, аршлама, разни зелници, питулици, циронки, белвици, штрудла со домашни овошја…