Регистар на професионални онлајн медиуми денеска ќе биде презентиран од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Креирањето на регистарот е според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а била консултирана и новинарската, медиумската и бизнис-заедницата во државата.
Кон процесот за креирање на регистарот е вклучена и Стопанската комора на Македонија, со цел, како што информираат организаторите, да се олесни пристапот до реклами на бизнис-заедницата во професионални онлајн медиуми, наспроти оние кои не ги исполнуваат критериумите за членство и редовно ги прекршуваат етичките стандарди.
Организаторите очекуваат регистарот на професионални онлајн медиуми да ѝ помогне и на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат наведените критериуми и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење.