Одложени се средбите меѓу претставници на парламентарните партии кои требаа да се одржат во рамките на процесот „Жан Моне“, во близина на Париз на 25 и 26 јануари.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за државната Агенција МИА изјави дека средбите биле одложени за март, во договор со европратениците кои ја организираа средбата на власта и опозицијата во куќата на Жан Моне, со цел обновување на соработката меѓу власта и опозицијата по организираниот напад на Собранието на 27 април минатата година.
Џафери соопшти дека средбата ќе биде одложена за месец март, со цел таа да не добие конотација на дебата за решавање на прашањето на името, со кое јавноста е преокупирана во овој период. Дополнителна причина, според Џафери, се и промените во раководството на ВМРО-ДПМНЕ и времето кое и е потребно на оваа партија за да се консолидира.
Власта и опозицијата во рамките на процесот „Жан Моне“ требаше да разговараат за реформските закони, за системските закони за кои е потребно двотретинско мнозинство, измени на Собранискиот Деловник и етичкиот кодекс на пратениците.
Д.М.