ВЕСТ НА ДЕНОТ
Нов скандал на повидок: Пратеникот Милошоски ќе остане без безбедносниот сертификат?
Дали конечно кривичните дела што ги извршил пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, за кои има веќе долгогодишни истраги, ќе му се „удрат од глава“ и ќе го остават без сертификатот за безбедност? Ако внимателно се следи минатонеделната изјава на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, може да се каже дека се навестува дека Агенцијата ќе покрене постапка за да му се одземе безбедносниот документ на пратеникот. За самиот безбедносен сертификат веќе постојат сомневања дека е добиен на незаконски начин. Имено, иако не го споменува со име, сепак, од содржината на изјавата на Димовски, станува јасно дека се работи за Милошоски.
„Се работи за поранешен министер, сегашен актуелен член на Собранието на РСМ и човек кој води една важна комисија. Но, кога малку проверивме, видовме дека има одредени изоставени важни податоци. Податоци за санкционирање во земја членка на ЕУ во поглед на интересни кривични прекршоци. Не споменувам имиња, како истражувачки новинари проверете за што се работи…, изјави Димовски алудирајќи на постојаните јавни прозивки на Милошоски кон него за издадениот пасош на Украинецот Онишченко.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека со согласува со ставот на Амбасадата на САД во земјава во однос на изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и смета дека се потребни дополнителни реформи во правосудниот систем на државата.
-Јас се согласувам со изјавата на Американската амбасада. Морам да бидам искрен. Можам тука да ви кажам слободно дека како претседател на Владата и како Влада, зборувам министрите, ние немавме никаков удел во изборот на шеф на Обвинителството за организиран криминал, со оглед на тоа дека се работеше за непосреден избор помеѓу самите обвинители и фелата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЈСП Скопјани се повторно жртви на потфрлањето во менаџирањето со Градот. Утринава стотици жители се соочија со проблеми при користењето на јавниот автобуски превоз, откако во штрајк стапија приватниците од „Слобода превоз“. Автобуси нема на градските линии 9, 12, 22, 23 и 45. Од „Слобода превоз“ засега сообраќаат само кон приградските населби, бидејќи таму ЈСП нема автобуси, па ако и тие ги укинат, граѓаните ќе бидат целосно отсечени од градот.
МЕДИУМИ Главните интервенции со овој закон се во однос на имплементација на Истанбулската конвенција во кривичните дела кои се поврзани со безбедноста на новинарите, менување на одредени одредби од Кривичниот законик во сферата на конфискацијата и тортурата како резултат на пресуди донесени од Европскиот суд за човекови права со кои се утврдува повреда на одредби од Конвенцијата, како и усогласување на Кривичниот законик со Директивата (ЕУ) 2017/1371 за борба против измама во врска со финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право.
ДЕЗИНФОРМАЦИИ Со почетокот на војната во Украина, она што можеше да се забележи како дел од пропагандата, а со тоа и со пласирањето на дезинформации од страна на Москва, беше нагласеното инсистирање фокусот на меѓународната јавност да се сврти на БРИКС. Ова за Русија стана исклучително важно откако ги почувствува сите сериозни последици и ризици од економските и политичките санкции и кога, за дел од решенијата, побара излез во поголема комуникација и соработка со земјите членки на БРИКС, како и во индоктринацијата на останатите земји под влијание на Кина, Русија, Бразил Индија и Југоисточна Африка, јадрото на БРИКС.
ЗЕЛЕН МАРКЕТИНГ Еколошките проблеми и климатските промени глобално секоја година сѐ повеќе предупредуваат дека ја водиме нашата планета кон предвремено уништување. За подобрување на општата слика потребна е индивидуална и колективна свест, но и заложба. Истражувањата покажаа дека степенот на еколошка свест кај луѓето се зголемува, но истовремено, кога станува збор за конзумерството подготвени се и да купуваат еколошки производи и покрај нивните повисоки цени.
ЧОВЕКОВИ ПРАВА Со започнувањето на Светското првенство во фудбал во 2022 година во Катар на 20 ноември, заливската држава ќе биде под глобално внимание. Откако ФИФА му го додели турнирот на Катар во 2010 година, вознемирувачката ситуација за работниците мигранти во земјата беше широко распространета. Мигрантите и домашните работници продолжуваат да се соочуваат со низа злоупотреби, вклучувајќи кражби на плати, принудна работа и експлоатација, информираат од Амнести Интернешнл.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Се ќе надминеме. Издржиме. Преживееме. Преовладееме!, напиша на Фејсбук украинскиот претседател Володимир Зеленски на Денот на достоинството и слободата.
*
Во февруари оваа година, бојно поле за слободата и независноста на нацијата и независноста стана цела Украина. Агресијата од големи размери на русија против Украина ја претвори нашата држава во еден вид Мајдан со нејзините основни принципи на самоорганизација, консолидација, взаемна помош и бестрашност. Војната не принуди поактивно да го преиспитуваме нашето минато, подлабоко да ја чувствуваме и разбереме важноста на тие вредносни ориентири кои беа јасно и отворено декларирани на Мајданите.
*
Немаше нуклеарен инцидент по руските напади врз просториите на нуклеарната централа Запорожје во саботата и неделата наутро, но тоаможе да се случи следниот пат.
„Уште еднаш, имавме среќа што не се случи потенцијално сериозен нуклеарен инцидент. Следниот пат можеби нема да имаме толку среќа. Мораме да направиме се што е во наша моќ за да бидеме сигурни дека нема да има следен пат“, рече генералниот директор Рафаел Маријано Гроси од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во својата изјава на 20 ноември.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Вистинската либерална агенда во Македонија отсекогаш била во оперативна „надлежност“ главно на СДСМ, иако и таму постојано била во вредносно и мислечко малцинство. Тоа е така бидејќи голем дел и од членството во СДСМ често се покажувале како растревожени македонски националисти во полната смисла на таа идеолошка припадност, иако со помали нијанси на примитивност отколку во фракциите во ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Сашо Орданоски во анализата „Парастос за македонскиот либерализам“.

„Дигиталната трансформација е веќе залауфана како процес, сакале ние или не да го видиме тоа, но во моментов е предводена од неолибеларната логика, а не од социјалдемократскиот импетус. Затоа, во оваа тековна трансформација клучни и фундаментални треба да бидат принципите на либералната демократијата, а не оние на пазарната и неолибералната! Со други зборови, според социјалдемократската логика и нејзиниот вредносен корпус демократските принципи нужно би требало да преовладаат во оваа тековна трансформација која се остварува во хипертешнолошките услови на денешнината. Тоа е единствен прогесивен ракурс, денес“, пишува Ана Чупеска во колумната „Прогресивната агенда денес: За дигиталниот хуманизам“.

„Со надеж за таква мисија во одаите на Калето се всели новата американска амбасадорка. Русата Агелер дојде во Скопје со папката акти потпишани од нејзиниот претседател во кои има непополнети места на црната листа и декрети за мафиите и за политичките корупции. Веќе на првиот нејзин јавен настап падна и првата „пресуда“ за мистериозниот избор на новиот шеф на обвинителството за организиран криминал“, пишува Зоран Иванов во колумната „Новиот ветар од Калето“.

„Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов поднеле 1300 амандмани со намера со „амандманска блокада“ да не дозволат „јавниот простор и слободната мисла да бидат потиснати под чизмата на авторитарниот режим на СДС, кој ги враќа на голема врата најлошите политики од претходниот режим“.
Само наивните и оние со кусо, или без паметење, ќе ја земат сериозно оваа постапка на Апасиев и Левица. Затоа што јавноста многу добро знае кој во континуитет ја потиснува слободната мисла со авторитарни постапки и препознава дека левите амандмани, вусшност“, се обид за перење на гревовите на Левица и нејзиниот лидер кон новинарите“, пишува Зоран Бојаровски во анализата „Леви“ амандмани за „перење“ на гревовите.

„Знаев дека тоа што во рамките на своите хигиенски протоколи, не гледам, не слушам и не читам ништо што има сонценце како препорака, демек што е произведено во Македонија, ќе го зголеми интензитетот на чувството кога на еден или друг начин веста за нешто ќе се пробие до моите уши полесно отколку руски дрон врз украинска болница.
Седам така во „Тренд“, сркам од кафето оросено со цимет и од некаде ми доаѓа нотификација дека е формиран Судско-медиумски совет“, пишува Бранко Тричковски во анализата „СМС од Родригез и Тарантино“.

Најавите на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за можен влез во владејачкото мнозинство и уште повеќе дистанцирањето од политиките на ВМРО-ДПМНЕ, предизвика силен удар врз Христијан Мицкоски, особено во неговите надежи за одржување предвремени парламентарни избори.

Ги гледам „кутрите“ проруски пропагандисти и путинисти како се прпелкаат во истите пропагандни шеми со месеци. Руската пропагандна машинерија доживеа речиси подеднакво срамни порази како и воената на самите линии на фронтот долг илјада милји во Украина. Дефинитивно им е потребна нова скрипта.
Но локалните агитпроп матрјошки не можат да очекуваат нова скрипта, кога ни Путин и Лавров не се откажуваат од својата „стара добра“ сталинистичка пропагандна шема, само во нова технолошко-комуникациска руба. Впрочем, тешко дека им преостанува нешто друго, освен секојдневно да ги повторуваат големите лаги, пишува Џабир Дерала во колумната „Сталин и седумте џуџиња… И вести на МРТ. Ракија и салата од зелка“.
.
Д. Муратов












