Драги читателки и читатели,
Нашиот другар и колега, главниот уредник на ЦИВИЛ Медиа е на одмор. Мене ми припадна честа и задоволството да го заменам во текот на оваа недела. Ќе се обидам да ги исполнам високите професионални и етички норми кои постојат во Редакцијата, која е дел од ЦИВИЛ – Центар за слобода. Сите заедно ќе се обидеме да продолжиме со подобрување на квалитетот и квантитетот на медиумските содржини на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Воедно, сакам да ви се заблагодарам за секојдневната поддршка, за сите коментари во кои нè советувате, критикувате или нè информирате за настаните во вашето најблиско опкружување. Ќе останеме посветени на одржување на овој медиумски простор отворен за сите граѓанки и граѓани.
Секој ден ќе се трудиме да го оправдаме нашиот слоган СЛОБОДНО. НЕЗАВИСНО. ОТВОРЕНО. Тоа можеме да го постигнеме само со вашите искрени критики. Ве молам, продолжете со вашите сугестии. Пишете ни, јавувајте ни се или повелете на гости кај нас, во ЦИВИЛ.
Воедно, уште еднаш ги повикувам сите мои колешки и колеги од граѓанското општество да ни испраќаат информации, соопштенија, фотографии или видео содржини. Ние ќе им дадеме уште поголема видливост на вашите активности, а со тоа ќе манифестираме солидарност и соработка, наместо непотребна компетиција и затвореност.
Непроценлива е поддршката и соработката со граѓанските новинарки и новинари, како и мрежата од соработници и набљудувачи, која е во фаза на проширување. Продолжете со своите прилози. Со приближување на датумот на локалните избори, имате повеќе од доволно материјал за кој треба да бидат запознаени институциите и јавноста.
Што се однесува до институциите и другите општествени и политички ентитети во земјата, моите колешки и колеги ме информираат дека комуникацијата со нив е далеку подобра од порано.
Навистина е освежување да се забележи дека институциите почнаа да комуницираат со нас. Но, морам да забележам дека тоа е недоволно. Општините сè уште не нè информираат за своите активности, еден дел од политичките партии, како и институциите, нередовно или воопшто не нè информираат, а редовна комуникација со голем дел од јавноста имаат. Љубезно ги замолувам да го вклучат ЦИВИЛ во таа комуникација.
Имам уште многу да споделам со вас во овој миг, но морам да се вратам на читање текстови од дежурниот тим на ЦИВИЛ Медиа. Ветувам дека цврсто ќе го држам и ова привремено кормило, но само со ваша помош.
Ви упатувам насмевки и желби за убав викенд, со содржините на ЦИВИЛ Медиа.
Ваш,
Џабир Дерала
Претседател на ЦИВИЛ и привремен кормилар на ЦИВИЛ Медиа