Од почетокот на годинава, односно 1 јануари, како што најави министерот за правда Бојан Маричиќ. стартува прочистувањето на правосудството, што како приоритет Владата го стави на прво место меѓу 10-те за 2021 година. Прочистувањето ќе се прави врз основа на извештај со увид во шест предмети за обвинителите и десет предмети за судиите, како што предвидува Методологијата за проверка на работата на правосудството во нашата земја. Ова заедно со новите правилници за оценување треба да обезбеди ефикасно судство и јавно обвинителство што ќе ја врати довербата во правната држава.
На почетокот на новата година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.
Целта на овој процес е да се зголеми довербата на јавноста во правосудството, но и да ја увери Европската унија дека навистина се спроведуваат законските принципи.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ вели дека законите кои беа донесени се позитивно оценети од ЕУ, но важен елемент за владеењето на правото е колку брзо се решаваат случаите со високата политика и затоа е побарана помош од Унијата за мониторинг на ваквите случаи.
Реферирајќи за сработеното во првите 100 дена од мандатот, Маричиќ посочи дека судската такса е намалена за осум пати, Законот за попис е во собраниска процедура, завршен е Воспитно-поправниот дом во Волковија, а со предложени промени за Законот за прекршоци казните за загадувачите на животната средина се зголемуваат до 20 пати. Исто така решен е проблемот со судската полиција, а изработен е и информативен сајт за Бесплатна правна помош.
Со прочистувањето ќе се утврдува дали има неоправдано одложување на рочиштата од страна на судиите, непочитување или пречекорување на законските рочишта, застарување на гонење или извршување на санкциите во кривичните предмети, неправилна одлука или приговор за застареност од странките. Посебен фокус ќе биде ставен на случаите на висока корупција и организиран криминал.
Според министерот за правда создадени се сите услови и во судството и во обвинителството да има квалитетна проверка и професионално проверување на работата и на судството и на обвинителството.
Маричиќ најави дека во текот на јануари оваа година останува да биде донесена методологијата за сложеност на предметите, со што ќе се комплетира сликата за проверка на работата на судовите во државата.
-Плановите за иднината ни се амбициозни, намерите јасни и чесни, а посветеноста максимална. Дали тоа некому му се допаѓало или не, Северна Македонија ќе биде правна држава, каде што ќе одговараат сите оние кои ги прекршиле или во иднина ќе ги прекршат законите, изјави Маричиќ.
Тој нагласи дека рецидивите од минатото, попречувачите на правдата не може да бидат дел од правосудниот систем и да носат пресуди во името на граѓаните и не може да ги штитат и унапредуваат нивните права.
Многу меѓународни извештаи конкретно посочија на одредени состојба во правосудството, и затоа е потребно да се види дали има намерно „заташкување“ на предмети, намерно застарување на предмети, дали се постапило неправедно и дали некој бил заштитен.
Во 2020 и во 2019 година, според податоците на Судскиот совет биле разрешени осум судии, а постапка е поведена против 83 судии.
Во обвинителството пак во изминатата 2020 година биле поведени дисциплински постапки против пет јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето, а еден обвинител од ОЈО Скопје, кај кого било утврдено нестручно работење, поднел оставка.
И премиерот Зоран Заев говорејќи за моделот за прочистување на правосудството, посочи дека ќе се ревидираат цели досиеја и дека се ќе биде транспарентно – секој судија ќе биде оценуван, ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии, како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, и најави дека ќе иницираат носење законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес.