Шестата ноќ од протестите против полициска бруталност во САД по смртта на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд кој беше убиен додека беше приведуван од полицијата повторно со многу насилство.
Во речиси 40 градови е воведен полициски час, кој генерално не се почитува што повторно доведе до тензични соочувања со полицијата.
Според „Тајм“, агентите на тајната служба наводно го евакуирале американскиот претседател Доналд Трамп во бункер, за време на протестите околу Белата куќа. Посебниот бункер под Белата куќа е направен за да може претседателот и неговите соработници да се евакуираат во случај на терористички напад или вонредна ситуација. Засега нема коментари од Белата куќа.
Националната гарда објави дека распоредила 5.000 свои припадници во повеќе од 15 сојузни држави, како и во главниот град Вашингтон, каде што повторно имаше собири пред Белата куќа, но и палежи.
Полицаецот Дерек Човин, кој му нанесе смртоносни повреди на Флојд, денеска првпат треба да се појави во суд под обвинение за убиство.
Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на повеќе од 75 градови, но мирните протести набргу беа засенети од насилствата. Полицијата е напаѓана со камења и Молотови коктели во Филаделфија, а продавници биле уништувани и ограбувани во повеќе од 20 градови во Калифорнија.
Возач на камион е уапсен во Минеаполис откако пробил бариера на патот и се обидел да помине низ демонстрантите. Гувернерот на Минесота Тим Валц изјави дека мотивот на возачот е нејасен и додаде дека е спречена голема трагедија.
Илјадници демонстранти предизвикаа хаос на улиците на Њујорк и за момент го затворија мостот Менхетн. Полицијата соопшти дека меѓу уапсените е и 25-годишната ќерка на градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио.