Промоцијата на книгата „Човекот, роботот и дигиталниот бог“ од Џабир Дерала и Валентин Нешовски ќе се одржи во Рок бар „Гарсон“ на 11 јуни (вторник), со почеток во 19:30 часот, објави Фронтлајн. Промотори на книгата се проф. Емилија Целакоска и Ванчо Орданоски.
Според авторите Дерала и Нешовски, „оваа книга е придонес кон разбирањето на вештачката интелигенција, нејзината примена, предизвиците и перспективите, добрите и лошите страни, иднината.“
Идејата за ова дело произлегува од серијата дијалози објавени во рубриката TECH FRONT на Фронтлајн на почетокот на оваа година. Дијалозите се дополнети со нови, необјавени делови, како и сосема нови кратки есеи на темите поврзани со вештачката интелигенција. Авторите ја повикаа и вештачката интелигенција да креира голем број тематски илустрации, еден краток осврт за книгата и фиктивни, футуристички биографии.
Најголем дел од книгата е во форма на дијалози меѓу авторите на теми поврзани со напредокот и примената на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз општеството, економијата, безбедноста, меѓучовечките односи и низа други аспекти.
„Бидете во чекор со иднината!“ – се вели во кратката информација на ФБ настанот креиран по повод промоцијата.
Влезот на промоцијата е слободен. Книгата ќе се продава по промотивна цена од 300 денари, информираат организаторите на промоцијата.