ВОЈО МАНЕВСКИ
Повторно си играм со зборовите што ми се наметнуваат за времињата кои изминаа. Кога се обидувам сите нив да ги ставам во некаква колона на прегледност, дури сега разбирам дека сите тие завршувале на – ција. Сѐ било некаков процес за кој повеќе или помалку не сме биле свесни и никогаш не завршувал со прокламираните цели и завршници. Како некој да нѐ става во тунели и ни го покажува светлото на неговиот крај и ни вели– еве ова е вашиот пат и треба низ темнината да стигнете до светлоста која ја гледате. Некогаш таа светлост и не ја гледаме, туку само замислуваме каква е и колку е топло под неа.
Поминувавме низ процес на колективизација, реформација, индустријализација, па стигнавме во стабилизација. Значи пак влеговме во некој процес. По пат мојата генерација ја закачи и глобализацијата како рок генерација која се приклучуваше на светските текови во разбирањето на светот. Некој светски ветер ја донесе либерализацијата, па нѐ остави да нѐ дува истиот тој ветер и малку да ни ги избистри заблудите од разни процеси на – зација. Кога малку ни се разбистрија мислите нѐ ставија во тунел на приватизација и политичка транзиција. Како во оној тунелот на автопатот кон Грција во кој се свиреа чочеци, така и ние добивме политички партии што не забавуваа додека игравме чочек на митинзите. Игравме и пеевме, а светлото од тунелот на транзицијата ни се оддалечуваше кон некаква далечна иднина. Деновиве слушам и гледам интервјуа со актерите од некогашната елита, кои се занимавале со многу пореални постапки, додека ние игравме чочек на митинзите. Некаква резигнација ме притиска кога слушам како државната сопственост за која најчесто немаат многу придонес ја делеле на разни кафански и полукафански седенки. Бреговите на мојата Брегалница беа посеани со разни градини со пиперки и домати, кои вредните стечајци ги садеа за да преживеат од темнината на тунелот во кој беа турнати. За среќа никој не им наметнуваше легализација зошто беа зафатени со приватизација на големите ниви за тесните брегови немаа време .Нека јадат пиперки и домати стечајците а јадеа и длабоко замрзнати пилешки копани од државните резерви на европските држави, кои место да ни помогнат се обидуваа да ни докажат дека постоењето на нашата држава, може да воскресне некои стари гревови и заблуди и немаат намера да ги внесат во својот двор, за да не ги вознемируваат додека пијат попладневен чај со препечен кекс.
Додека игравме чочек на митинзите и од просечни актери правевме елита од која очекувавме да нѐ извлече од темнината, процесот на криминализација на општеството си врвел несметано. Донесувани се закони за да се овозможи тој процес и никој да не се соочи со некаква правда, со резултатите на осиромашување на неговите соседи, роднини и цел еден народ. Два стана со ширина на ракометно игралиште било само статистика при разговорите слушаме деновиве во една исповест во која и 12 милиони евра биле многу скромна сопственост споредена со другите учесници на транзицијата. Продажбата на она што е профитабилен дел на економијата имало две цени. Една за јавност, а другата за оние што се качиле на возот на формирање на новата елита. Разликата се нарекува провизија. Не мои сограѓани не е тоа провизија тоа е кражба на заедничките средства низ процес на разбојништво. Нема разлика со оние разбојниците што дремеле на патиштата да опљачкаат некој караван, дури таквите разбојници изгледаат романтично и некако по фер. Денешните не се изложуваат на временските непогоди, туку си седат во разни канцеларии што ги стекнале поради нашиот чочек на митинзите. Советници, високи државни функционери на Народната банка, продавале банки, а потоа станувале директори во истите. Сето тоа сега го слушаме како исповед пред вечна ја памјат од која повторно имаме само главоболки и никаква друга корист. Тој процес на транзиција имал два краја. Едниот далеку со слабо светло и без сигурни рокови кога ќе достигнеме до таму, а другиот изгледа бил во некаква сенка и со помошен излез од него. Е тој тунел на таа „зација“ формираше елита која денес владее со нас. Тие ги поседуваат финансиските институции и најдобрите компании. Тие доведуваат лидери на чело на партиите, тие не ни даваат да излеземе од тунелот на транзицијата.
Сега нѐ убедуваат дека ќе влеземе во процес на европеизација. Не само како формално членство во богатиот клуб, туку трансформација на целиот систем на организација на државата. Ако е така тогаш вреди да се влезе во тој процес, иако стравот од изминатите процеси буди страв кај моите сограѓани и затоа се намалува поддршката за него. За почеток да расчистиме дека европските комисии целиот процес не го помагаат поради нас, туку поради нивните конкретни интереси. Како се нарекуваат тие интереси и не е важно, важно е дека на нив треба да се смета во овој нов процес. Дали кај нас ќе се прават разни препреки? Секако дека тоа треба да се очекува. Кој од „елитата“ е подготвен на отчет пред јавноста и институциите на државата? Кој е со такви алтруистички побуди да се откаже од милионите што ги стекнал со „тежок“ политички и криминален труд? Таков нема и нема да се појави ако на тоа не биде присилен. Од друга страна ако тоа не се направи како процес на заздравување на општеството, овде ќе останат само оние што нема да можат да заминат. Оние што имале шанса да прошетаат низа Јужна Италија и Сицилија можат да ви ги пренесат сликите на питорескни камени села од кои ретко се појавува по некоја средовечна жена или ќе сретнете некој селски галамџија на скутер.
Демократизацијата е процес кој ќе доведе до демократско општество. И ова го имаме слушнато одамна, само во друг распоред на термините. Социјализмот е процес кој ќе доведе до рамноправно општество, до посакуваниот комунизам. Еден мој пријател кој ревносно ги следи процесите во општеството вели:
–Кога ќе слушнам дека некој од „аналитичарите или споровозните филозофи објаснува дека демократијата бара демократизација веднаш знам дека нема чисти намери. Секој кој не замајува со процеси или нема идеја за што се работи или има намера да го искористи тој процес. Нам ни треба демократија како општествен систем кој претпочита поголема рамноправност на поединците во него со порамноправни шанси во трката на животот. Тој систем се гради со посветеност а не со бесконечни процеси кои само различно се крстат а имаат исти последици.
Таква иднина секако не ни треба, но ни се заканува ако не го искористиме овој нов процес и новата „зација“ да си ја средиме државата. Националниот романтизам изгледа го изживеавме и сега ни станува препрека во средување на внатрешните процеси. Не важно од која е националност државниот службеник, важно е да си ја работи работата и да не ги троши заедничките средства за себе и дружината околу него. Да се донесе закон за рационализација на јавниот сектор и воведување на мерит системот, зошто ако остане вака сегашните чиновници ќе ни земат мерка за последното патување.
Да се донесе закон за потеклото на имотот. Во мојот телефон сѐ уште чувам пораки од тројца лидери кои пред да седнат на премиерското столче се согласувале со неопходноста на таков закон и негово спроведување. Изгледа тој вонредниот излез од тунелот бргу го наоѓаат и ја напуштаат темнината на недоволно осветлениот тунел.
Нема реформа без растурање на претходната форма е дијалектички закон што Хегел пред два века го формулирал. Да ја растуриме формата на пасивни гласачи што ја заокружуваат бројката што некој друг им ја посочи, туку зад секое такво заокружување нека има мал процес на размислување на последиците од тоа. Инаку и оваа „зација“ во која сме сега ставени ќе се претвори во транзицискиот тунел низ кој одиме веќе 30 години. Ние одиме, а светлото се оддалечува поради паралелните излези низ кои излегуваат оние кои ние ги заокружуваме. Им помагаме да станат „елита“. Од елита тие летнуваат, а ние чекаме со страв да не се сруши излезот од тунелот, па и тоа мало светло да ни се угаси засекогаш.












