Во повеќе ирански градови, пред се во Рашт, Кернашах, Исфахан и во главниот град Техеран, втор ден по ред се организираат протести.
Демонстрантите протестираат против бранот поскапувања на основните животни продукти што ја зафати земјата, а нивните пароли се насочени главно против исламистичките власти кои управуваат со земјата од револуцијата во 1979 година.
Би-Би-Си јави дека во Техеран биле уапсени дел од помалата група демонстранти и дека гувернерот на градот најавил оти полицијата ќе се справи со сите демонстрации.
– Луѓето просат, свештениците се однесуваат како да се Господ, извикувале демонстрантите.
Протести биле организирани и во Ком, кој се смета за свет град на шиитите и центар на влијанието на ајатолахот Хамнеи. На протестите можеле да се слушнат и повици за прекин на скапите ирански интервенции во Сирија, Јемен и други држави во регионот, како и за ослободување на политичките затвореници.
Иран се соочи со масовни протести во 2009 година, како дел од Арапската пролет, но неколкумесечните демонстрации кои беа наречени Зелена револуција беа задушени со најмалку 35 загинати.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.