Првото издание на меѓународниот фестивал за краток филм „Филмај“ во организација на фото-кино клуб „Козјак“, Куманово, ќе се одржи на 29 мај во свечена сала на Занаетчиски дом (поранешно кино `Напредок`) со почеток во 19:30 часот, кое ќе биде проследено со доделување на награди и фестивалска проекција на наградените и додатни издвоени филмови.
На овогодинешниот конкурс се пријавија 45 филма од Северна Македонија, Бугарија, Србија, Грција, Германија, Холандија, Турција и САД.
Трочленото жири составено од Ивица Димитријевиќ (актер, режисер), Мартин Иванов (монтажер, режисер) и Денковски Драган (почесен член на фото-кино клуб `Козјак` – Куманово) ги додели следниве признанија: награда `Лазар Ѓорѓевиќ` за најдобра режија на Ото Ројшел (Otto Reuschel) за филмот „Риски“ (RISKI), награда „Радислав Ристевски“ за најдобра кинематографија за Росен Савков за филмот „Тими“ (Timmy) и награда „Козјак“ за најдобро сценарио за Лидија Мојсовска за „Награда“ (Тhe Award).
Додатни дипломи за особено признание е одлучено да се доделат на следниве филмови: „ХАКИЕ – ХАКИ“ , „Живеејќи како маж“ на Анабела Ангеловска, „Запирка“ на Сезер Салихи, „Мишко“ на Ханис Багашов, и „Заб“ на Ајдин Ислами. Сите горенаведени седум филма ќе бидат прикажани во фестивалската вечер. Влезот ќе биде слободен за сите посетители.












