Едно лице е повредено во инцидент што се случил во регрутен центар во рускиот далечен исток. Вооружен маж со пиштол отворил оган во центар за воена регрутација во Иркутската област, при што е тешко ранет комесар за регрутирање, соопшти официјален претставник на локалните власти.
„Воениот комесар Александар Јелисеев е на реанимација и се наоѓа во многу тешка состојба. Напаѓачот веднаш е уапсен, ќе биде казнет“, објави преку Телеграм гувернерот на Иркутската област, Игор Кобзев.
Ова доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин на 21 септември потпиша указ за „делумна мобилизација“, според која треба да бидат повикани 300.000 резервисти да се борат во Украина. Со „делумната мобилизацијата“ ќе бидат опфатени само оние граѓани кои се во воена резерва, пред се оние кои служеле во редовите на вооружените сили, со стекнати одредени воени специјалности и соодветно искуство, рече рускиот претседател.
Ова предизвика страв и паника кај илјадници Руси на регрутна возраст кои се обидуваат да ја напуштат земјата, авионските билети во еден правец за достапните дестинации беа распродадени откако достигнаа астрономски цени, додека на граничните премини кон соседните земји и поранешни советски републики беа километарски од возилата на русите кои се обидуваат да ја избегната мобилизацијата. Други планираа разни начини како да избегнат да бидат испратени на фронтот во Украина. Во многу делови од Русија дојде до демонстрации против мобилизацијата, а во неколку руски градови беа запалени канцелариите за регруртација.