Работниците на сега пропаднатиот “Охис” бараат да им се исплатат 24 заостанати плати, обврска што датира уште од 2013 година, а во случајот со некои од нив и порано, од 2008 година. Тие, под водство на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), почнаа со протест пред зградата на ССМ, во 8 часот утринава.
ЦИВИЛ Медиа ги сними кратките искази на дел од револтираните работници на скопските улици. За што се работи?
„Охис” пропадна, но дел од имотот на македонскиот хемиски индустриски гигант се продаваше подолго време. Парите од продажбата на дел од објектите отишле некаде, но не и за плати на луѓето што ги заработиле со својот труд. Тие очекуваат од Владата да најде начин да ги исполни овие минимални барања на работниците, а тоа е исплата на платите.
„Не бараме милостиња, си ги бараме изработените плати“ – пишуваше на транспарентот закачен на стариот мопед што го возеше еден од работниците.
Секако, останува и обврската да се истражат и сите околности под кои пропадна и раскрчми имотот на “Охис”. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, кога на седницата за пратенички прашања беше поставено прашањето за вработените во „Охис“, пред крајот на јуни изјави: „Ќе направиме сѐ што е во наша надлежност да им помогнеме на вработените во фабриката „Охис“. Сите материјали за овој случај им се предадени на надлежните институции и, доколку се утврдат неправилности, ќе направиме сѐ за да се заштити правото на вработените“.
Што точно ќе утврдуваат надлежните институции остана нејасно, бидејќи вицепремиерот Анѓушев кажа и дека постапката за ликвидација на „Охис“ е завршена и дека преостанува само да се заврши исплатата на вработените. Вработените, пак, обвинуваат за криминална стечајна постапка и бараат активирање на финансиската полиција, УЈП и МВР.
И на другата страна остануваат отворени и прашањата, зошто и како дојде до тоа синдикатите да молчат сево ова време, а сега, кога Владата ветува дека во тек е постапка за исполнување на барањата за исплата на работниците, се организира протест. Како дојде до тоа, синдикатите да се “разбудат” дури сега, а во времето на режимот ги немаше никаде. Освен Лилјана Георгиевска, хероината на стечајците, ретко кој излегуваше на улиците во тоа време. Да се надеваме дека одговорот на овие прашања не е во извикот на носителот на знамето на СИЕР: „Правда има во Русија, овде нема правда!“.
Во секој случај, без оглед на политичките конотации што можеби се вплетени во протестот, останува обврската на Владата да го реши овој проблем час поскоро.
Џ. Дерала