Градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, се премислил и решил да го поништи тендерот на општината за набавка на 45 производи за нега на коса – фигаро. Овие апарати првично беа планирани како подароци за жените вработените во Општината, за 8 Март, за кои Герасимов одвоил значителна сума од 42.300 денари.
Во објаснувањето објавено на сајтот на Бирото за јавни набавки, пишува дека постапката е поништена поради непредвидени и објективни околности, со што се промениле потребите на Радовиш.
Веста за набавката предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, па веројатно тука се крие и причината за повлекувањето на одлуката.
„Убаво е што гледаме транспарентност во постапките на институциите и власта, но претходно мора да видиме дека политичката култура е издигната на повисоко ниво. Да се третира жената како објект на кој му е потребно разубавување со фигаро, од јавни пари, најблаго кажано е утната тема. Бараме од политичарите и другите носители на одлуки и моќни структури да се заложат за целосна родова еднаквост, а не да влечат потези кои први ќе им паднат на ум. Сѐ уште се сеќаваме на едно предизборно ветување од 2013 година, кога на мажите им беа ветени сопруги од Русија и големо количество ракија. Очекуваме ваквиот начин на мислење да остане во гротескното минато“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ ја поздравува одлуката на градоначалникот за поништување на тендерот, но само затоа што идејата е понижувачка и деградирачка. Од организацијата им препорачуваат на останатите градоначалници, бизнисмени, директори и сопственици доколку веќе се одлучуваат да го одбележат празникот со одредена сума на средства, истите да ги пренасочат во некои од фондовите за правна заштита на жените жртви на мобинг, дискриминација и насилство.
Маја Ивановска