По објавената втора „бомба“ генералниот секретар на владата, Драги Рашковски е дециден, не поднесува оставка оти ставови не менувал преку ноќ. Но, Заев ретерира, по втората „бомба“ вели да ги видам аргументите и снимките, па ќе одлучи дали ќе бара оставка од Рашковски.
Иако официјални без коментар на прашањата кои произлегуваат од новата снимка, Рашковски се огласи на неговиот Фејсбук профил со порака: Многу е едноставен одговорот на сите обвинувања. Јавете се во компанијата Леонардо и прашајте: Дали Генералниот секретар ви побарал материјална или друг вид на корист било кога? – напиша Рашковски.
М-НАВ се закани со тужби и барање на надомест на штета, ако им биде причинета штета по објавувањето на втората, таканаречена бомба, со генералниот секретар на владата, Драги Рашковски. Велат дека јавноста е доведена во заблуда околу случајот со тендерот за набавка на авио-навигациска опрема.
Новата „бомба“ за Рашковски ја објави порталот „Економски Лидер“. Во текстот на порталот стои дека Генералниот секретар, Рашковски, бил свесен дека не смее да разговара со компанијата „Леонардо“ околу јавната набавка за М-НАВ – затоа што тендерот сè уште не бил комплетиран – но и покрај тоа инсистирал состанокот да се одржи и на истиот ги притискал претставниците на оваа државна компанија да го протнат тендерот. Порталот тврди дека вториот дел од снимката дава индиции дека владиниот секратар не ги почитувал ниту законите, ниту процедурите на ЕБОР.
Д.М.