И оваа година, ЦИВИЛ ги открива перспективите… Пред крајот на годината, тимот на ЦИВИЛ МЕДИА започнува со серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што изминува и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности да ги открие перспективите на претстојната година. Тоа што го кажуваат и пишуваат експертите на ЦИВИЛ и оние што ЦИВИЛ МЕДИА ги поканува да говорат, најчесто и се остварувало во текот на минатите години. Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ што ќе биде објавуван до крајот на јануари, а ќе биде актуелен цела година.
Преку видео интервјуа, учесничките и учесниците во Перспективи 2019 говорат за нивните очекувања и прогнози за годината што претстои. Тие (ќе) говорат за најважните теми како што се демократските реформи, Преспанскиот договор, социјалните политики, правото, судството, човековите права… Снимањето на интервјуата продолжува на 8 јануари. До крајот на месецот се предвидуваат над 20 видео прилози и уште толку текстови што ќе се однесуваат на перспективите, можностите и предизвиците во пресрет на најважните општествени и политички процеси во земјата, регионот и светот.
И овој сегмент од продукцијата на медиумската платформа на ЦИВИЛ е дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Б. Јордановска