По разрешувањето на реформаторот Петар Богоевски од фунцијата заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, тој се огласи на Фејсбук каде што истакна дека го поразија Никола Груевски, не не и груевизмот во нив.
„Ја поздравувам одлуката на ИК на ВМРО ДПМНЕ во врска со мојот активизам во раководните структури, но не и во Партијата. Искажувам благодарност што сум ослободен од одговорноста што ја носев на себе и ја пренесував врз другите луѓе во Иницијативата за реформи. Едноставно непомирливи се нашите два концепти, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ. Невозможно е двата да функционираат заедно, а при тоа да се унапреди работењето на Партијата на принципиелни основи.
ВМРО ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз во истиот правец. Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек. Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас.
Се плашам дека тие политики одат во корист на плановите за поширока политичка и безбедносна дестабилизација на регионалната стабилност, што ќе резултира со загрозување на македонската државност, што за мене е без простор за било каков компромис.
Мојата максима беше и останува „Да изгубиме сите, а да добие Македонија!“. Република Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ, со или без овие политички елити на македонската политичка сцена.
Јас сум подготвен на сè, само Македонија да излезе од балканскиот кружен тек и да земе правец за Европа!
Мотивирани и сигурни во нашата вистина, продолжуваме понатаму со уште поцврсти и порешителни чекори за реформи и обнова на Партијата“, истакна Богоевски на Фејсбук.