Изборната кампања за локалните избори само што почна, а граѓаните веќе се скептични и разочарани. Во одговор на ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ: Што очекувате од изборната кампања?, голем дел од коментарите се движат околу темите: трошење на народни пари, празни ветувања и недоверба во политичките партии.
Над 400 коментари и толку недоверливи и разочарани граѓани, уморни од празни ветувања. Некои од коментарите се остри и го изразуваат граѓанскиот револт:
„Кампањата е само расфрлање пари – тие средства подобро да одат за здравство, за лекови и онкологија.“
„Само мегусебни препукувања, фалење и напаѓања. Очекуваме нови градоначалници – мафијаши и тендераши.“
„Трошат народни пари на митинзи и автобуси, наместо на ранливи категории.“
Дел од коментарите се резгнирани и рамнодушни без никакви очекувања и нови промени:
„Веќе 30 години исто сценарио – кој е поголем лопов, а ветувањата се празни.“
„Ќе не залажуваат со ‘ќе’… а после ништо.“
„Бандити напред, поштени – стој!“
Иронијата не изостанува во реакциите на граѓаните, како и потврдата за општото изборно расположение:
„Од актуелната власт добивме по некоја лопата асфалт и сега не знаеме како да се однесуваме.“
„Ќе гледаме филмови и спорт на друг канал, само не лажен патриотизам.“
А има и граѓани се надеваат и апелираат за нови лица и поинаков пристап:
„Потребни се паметни и праведни луѓе со емпатија, ама тоа денес е како приказна.“
„Да се разбуди народот и да избере иднина, минатото помина.“
„Од опозицијата бараме храброст, не плашење.“
Наместо очекувања за конкретни политики и проекти, најголем дел од реакциите одат во насока на разочараност, недоверба и отпор кон политичката кампања. Граѓаните велат дека се преморени од слушање празни ветувања и трошоци на нивна сметка.