Пресудата за поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, предизвика бурни реакции кај граѓаните, кои своето мислење го споделија под објавата на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, каде беше поставено прашањето: „Што мислите за пресудата на Стевчо Јакимовски и дали ќе оди во затвор?“
Најголемиот дел од коментарите го поврзуваат случајот со претстојните избори и ја сметаат пресудата за политички мотивирана.
„Тоа е се политичко против Стевче“, напиша еден корисник, додека друг додаде: „Политичка местенка. Шест години го судат и сега баш пред избори пресудата – малку симптоматично.“
Некои корисници изразија сомнеж и за самата основа на обвинението, поставувајќи повеќе прашања во врска со легитимноста на конфискацијата:
„Како може да се конфискува нешто што не е приватно нечие, туку општината е на граѓаните на Карпош? Државата ѝ ја дава на државата? Каква будалаштина.“
Преку сатиричен тон, коментаторите потенцираа дека Јакимовски не градел за себе, туку за општината:
„Стефче не си ги однел дома бараките туку ги направил за граѓаните. Сектата сее страв пред избори. Ама народ дава, народ и зима.“
Особено внимание привлече споредбата со други случаи во правосудството:
„Мртва девојка – 2 години затвор, Стевчо изградил нешто – 3 и пол години. Правда.“
Огромен дел од реакциите го опишуваат целиот случај како „предизборна фарса“, наменета да се елиминира политички противник:
„Се е тоа заради престојните избори, за да не може да се кандидира зошто знаат дека сите од него ќе изгубат.“
Има и директни обвинувања кон владејачките структури:
„Секој што и свртел грб или е опонент на владеачката партија ќе биде осуден, па макар и за градење општинска зграда или за дишење воздух.“
Некои коментари ја сведуваат пресудата на едноставен заклучок:
„Глупости“, „Вмровска хајка.“
Граѓанските реакции укажуваат на недоверба во правосудниот систем и длабока политичка поделеност, особено кога станува збор за јавни личности и функционери. Додека судството има своја верзија на настаните, јавноста, барем според оваа анкета, го гледа случајот како уште еден политички мотивиран процес во пресрет на изборите.
За сите коментари повелете оригиналниот пост на Фејсбук пејџот на ЦивилМедиа.
A.M.