ЦивилМедиа на својата Фејсбук страница го постави ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ: Кој и зошто го блокира процесот на интеграција во ЕУ?
Граѓаните одговараат: Кој и зошто го блокира процесот на интеграција во ЕУ?
На прашањето на денот поставено од ЦИВИЛ: „Кој и зошто го блокира процесот на интеграција во ЕУ?“, граѓаните понудија искрени и директни одговори, кои јасно ја рефлектираат разочараноста, скепсата, но и зрелоста со која се следи политичко-институционалниот контекст во Македонија.
Политичка инертност, корупција и манипулација
Многумина сметаат дека причините за блокадата на интегративниот процес не се единствено надворешни, туку длабоко вкоренети во домашната политичка сцена. „Реформите во државата се често блокирани од политички интереси и институционална инертност“, пишува еден граѓанин. Според него, политичките структури намерно го одржуваат статус-квото, користејќи манипулации и дезинформации за да го одвлечат вниманието на народот од реалните проблеми.
„Народот се манипулира со ветувања дека ќе се укинат важни договори, како Преспанскиот или Охридскиот, или дека ќе се ‘врати името’, што ги прави да губат верба во вистинскиот процес на интеграција“, додава тој, укажувајќи на потребата од политичка волја и транспарентност.
ВМРО-ДПМНЕ и “вечната” корупција
Најчесто споменуван политички субјект во коментарите е ВМРО-ДПМНЕ. Некои коментари директно ја обвинуваат партијата дека „кочи“ со цел да не се откријат коруптивни зделки. Други, пак, велат: „Тимовите од Бранко, Љубчо и од Груевски кои сеуште постојат во ВМРО-ДПМНЕ, уништија се’ што беше создавано со парите од цел народот“.
Паралелно, дел од одговорите ја посочуваат и поврзаноста со надворешни влијанија, велејќи дека „странските служби се инфилтрирани 33 години во ДПМНЕ и слични на нив структури“.
Надворешни блокади: Грција, Франција, Бугарија
Не изостанува ниту ставот дека надворешни фактори играат клучна улога во забавувањето на процесот. „Прво блокираше Грција… па Франција… а последниве 5-6 години Бугарија“, коментира еден корисник, истакнувајќи дека најголемата пречка во моментов е спорот со Бугарија поврзан со јазикот и идентитетот.
Други ја гледаат вината во ЕУ како целина, сметајќи дека „Франција, Англија и Германија едноставно не не’ сакаат“ и дека „што и да направиме, нема да е доволно“.
Помеѓу апатија и надеж
Некои коментари звучат длабоко разочарано, дури и цинично: „Многу идеи имам, ама појма немам“, или „Нивото на кое сме…“, оставајќи го остатокот недовршен, како немо сведоштво за општата замореност.
Но има и порака на надеж – дека вистинската промена може да се случи кога граѓаните ќе ја препознаат манипулацијата и ќе се мобилизираат за автентични, долгорочни реформи.
За сите коментари повелете оригиналниот пост на Фејсбук пејџот на ЦивилМедиа.
А.М.