Минибусот предвиден за само 15 патници, секојдневно се преполнува, за да ги транспортира учениците од Визбегово до училиштето „Адем Јашари“ во Чаир или во други училишта во Шуто Оризари или во Центар. Се работи за бројка од дури 800 деца што живеат во Визбегово, а за кои нема основно училиште.
„Бевме жртва на еден див режим, дали нашите деца треба да продолжат да се жртвуваат?“ – прашуваат револтираните граѓанки и граѓани на социјалните мрежи. „Сакаме училиште во Визбегово!“ – пишуваат тие.
Неколку засегнати родители од Визбегово се обратија и до ЦИВИЛ и побараа поддршка за нивните барања за изградба на основно училиште во оваа скопска населба што е на четири километри од центарот.
„Се разбира дека ќе ја дадеме нашата поддршка за оправданите барања на граѓанките и граѓаните што живеат во Визбегово“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ
„Системската дискриминација што ја спроведуваше режимот мора да се укине на ефикасни, видливи и конкретни начини. Во меѓувреме, до изградбата на ново училиште, институциите мораат да им обезбедат достоинствени услови на учениците да учат и да се транспортираат до и од училиштата во околината на удобен и безбеден начин. Ова е неприфатливо. Почетокот на секој училишен ден на децата е пекол!“ – категоричен е Дерала.
ЦИВИЛ апелира до Владата и до општина Бутел, каде што припаѓа Визбегово, итно да го решат проблемот со транспортот на учениците и веднаш да започнат со планирање на училиште во Визбегово. Воедно, ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да доставуваат иницијативи и барања што се од значење за локалните средини.
ЦИВИЛ Тим за комуникации