Прашањето за цените и услугите на приватните болници предизвика жестока дебата меѓу граѓаните. На ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за цените и услугите на приватните болници? на ЦИВИЛ некои одговорија дека ги гледаат како единствено можно решение за брз и квалитетен третман, други предупредуваат дека станува збор за „трговија со човечкото здравје“.
Зошто приватните болници се полни и покрај високите цени?
Најголем дел од реакциите упатуваат кон тоа дека приватните болници се полни затоа што јавниот здравствен систем е слаб.
„Зошто? Затоа што јавното здравство е ужасно лошо“, пишува еден граѓанин.
„Клиничкиот центар со години не може да реши ни основни проблеми, како паркинг простор, а не пак сложени медицински услуги.“
Граѓаните плаќаат два пати
И покрај тоа што сите граѓани одвојуваат пари во Фондот за здравствено осигурување, често мораат дополнително да платат за приватни услуги:
„Во приватните болници цените се толку повисоки колку што пациентот е поблиску до смртта. Тоа говори за стрвноста на менаџментот.“
Предлози за подобрување на системот
Граѓаните нудат различни решенија:
Придонесите за здравство да бидат врзани за превентивни услуги, а не „за политички маркетинг и тендери“.
Регулирање на цените во приватните болници преку Фондот за здравствено осигурување, за да не се однесуваат „како на пазар“.
Има и порадикални предлози – приватните болници целосно да се национализираат и да станат дел од јавното здравство, за да се обезбеди еднаков пристап за сите.
„Нашиот стандард не е за приватни болници. Ако некој има повеќе можности, може да оди во странство“, вели еден коментатор.
Јавниот здравствен систем мора итно да се реформира и да обезбеди квалитетни и достапни услуги. Во спротивно, приватното здравство ќе остане единствената опција – но само за оние кои можат да си ја дозволат е општиот заклучок од реакциите на граѓаните.
Б. Ј.