Повеќето граѓани кои коментираа на прашањето на денот на Facebook страницата на CIVIL – „Дали семејствата на настраданите во Кочани добиваат доволно поддршка?“ – одговорија едногласно: НЕ.
Во коментарите доминира чувство на разочараност, лутина и длабока тага поради начинот на кој институциите и општеството реагираа на трагедијата во Кочани. Корисниците истакнуваат дека поддршката што ја добиваат семејствата не е доволна – ниту материјално, ниту емоционално, а особено не психолошки.
„Никаде и никој не објави дека е понудена и обезбедена стручна посттрауматска психо терапија и поддршка од тимови составени од стручни лица – психолози, психијатри, советници… Парите во моментот не се важни. Важно е како да научат да живеат со болката и загубата“, коментира една граѓанка.
Многумина посочуваат дека институциите се целосно пасивни, а вината се припишува на политичките игри, институционалната небрежност и недостатокот на одговорност.
„Немаат поддршка од институциите. Десетици се во притвор, а слугите на власт се дома. Ова е гола политика, а не поддршка. СРАМОТА!“, стои во еден од коментарите.
Други посочуваат на неактивноста и рамнодушноста на поширокото општество. Еден коментатор изјавува:
„На вчерашниот протест во Скопје имаше мала поддршка. Кафичите беа преполни, никој не стана да им се придружи на родителите. Жално и срамно.“
Се поставува и прашањето зошто граѓаните не излегуваат на улица. Некои велат дека работниот ден ги спречува, но генералната оценка е дека индиферентноста станала начин на живеење, со што се прикрива вистинската одговорност.
„Треба сите со нив да излеземе. А вака, од дома, ние ги штитиме виновниците со нашата индиферентност. Срамота!“, напиша друг корисник.
Има и сериозни обвинувања за пропусти на МВР:
„МВР морало да издаде дозвола за пиротехника – не издале. Морале да имаат противпожарни и возила за брза помош – немало. Морале да ја прекинат забавата ако увидат опасност – не го направиле тоа.“
„Во некои нормални држави паѓаат цели влади за ваква трагедија. Кај нас – тишина.“
Граѓаните не штедат зборови – и со болка и гнев испраќаат порака до сите институции, но и до себе си: „Доста е. Оваа власт треба да замине. А ние, народот, мораме да се разбудиме.“
За сите коментари повелете оригиналниот пост на Фејсбук пејџот на ЦивилМедиа.
A.M.