ЦИВИЛ викендот одржа дел од обуките за 104 краткорочни набљудувачи, додека за другите над 200 набљудувачи ќе одржи онлајн обуки во наредните денови. Викенд обуките се спроведоа со строго почитување на мерките за заштита од Ковид-19.
Во пресрет на предвремените парламентарни избори и во текот на кампањата што ја водат кандидатите за пратеници, говорот на омраза на социјалните мрежи е во подем.
ЦИВИЛ е повторно мета на говор на омраза, а тоа всушност е поттик за уште пожестоко разобличување на лажните вести и говорот на омраза
Очигледно, нападите кон ЦИВИЛ не стивнуваат, а разоткривањето на говорот на омраза во изборен контекст ја постигнува својата цел. Ако направиме преглед во овој изборен период колку, и за што беше нападнат ЦИВИЛ, ќе видиме дека истите структури и ширачи на говор на омраза облетуваат околу вестите што разобличуваат говор на омраза.
На веста што ЦИВИЛ ја објави под наслов „Во „теовел“ омразата се приклучи и Антонио Милошоски“ и ја објави на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ (CIVIL MK), се појавија низа коментари со говор на омраза. Во коментарите се обвинува организацијата дека мрази Македонци, дека се нацисти и дека Господ ќе ја казни организацијата, се разбира, со заканувачки коментари дека тие знаат кој ја финансира организацијата и за што.
Како потсетување, доколку некого го интересираат финанисиите на организацијата, слободно можат да ја посетат веб страницата на организацијата civil.org.mk .
До сега ЦИВИЛ и поедини членови на организацијата беа неколку пати мета на говор на омраза, а седиштето на ЦИВИЛ беше вандализирано преку навредливи и заканувачки пораки.
Реакции и говор на омраза кон ЦИВИЛ имаше и по објавата на веста „Говор на омраза и закана за активистот Ненад Јовановиќ“, „Мицкоски на партиски собир повторно ги прекршува мерките и препораките!“, а не изостанаа и на колумната на Сашо Орданоски „До победата и по неа“ објавена на ЦИВИЛ Медиа. И ова се само мал дел од содржините кои од моментот кога ЦИВИЛ започна со секојдневно разбличување на лажните вести и говорот на омраза, беа подложени на недолични коментари од одредени личности и структури, како и од лажни профили.
Ваквите секојдневни случувања уште повеќе ја охрабруваат организацијата пожестоко да се бори против лажните вести, дезинформациите, говорот на омраза и дела од омраза.
Мета на говор на омраза на социјалните мрежи беа и Никола Димитров, Зиадин Села, како и активисти од Шарената револуција – Павле Богоевски, Ивана Туфегџиќ, Бранко Героски, Замир Мехмети (и сестра му Ермира), Бранко Тричковски, Југослав Петровски, Владимир Милчин…
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ секојдневно детектира и архивира содржини со говор на омраза и дел од тие ги објавува на својата медиумска платформа. ЦИВИЛ ги повикува надлежните институции да се ангажираат максимално во спречувањето на ширење на говор на омраза, и да ги санкционира соодветно. Говорот на омраза во едно цивилизирано општество никако не треба да биде дозволено, и треба да се искорени. Од говорот на омраза лесно се преминува на дела од омраза.