Презентација на иницијативата „Гласај/Voto“, кампањата против лажните вести и говорот на омразата, како и на Извештајот од долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ, ќе се одржи утре, сабота, 11 јули, во хотелот Парк Резиденс, зад фудбалскиот стадион, со почеток во 13 часот.
Извештаите и анализите на ЦИВИЛ опфаќаат низа аспекти. Фокусот на овие избори е на политичкото финансирање, лажните вести и говорот на омразата, злоупотребите во различни категории од мониторингот и мерките за заштита од коронавирусот. ЦИВИЛ уште еднаш ќе ги упати пораките во пресрет на изборниот ден. На пресот ќе се говори на македонски, албански и ромски јазик.
Прес конференцијата ќе се емитува во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ. Редакциите можат да достават и прашања по електронска пошта на [email protected] до утре во 12:30 часот.
На тема корупција, транспарентност и политичко финансирање во изборен контекст ЦИВИЛ Медиа разговараше со министерот за информатичко општество и администрација, како и со Главниот државен ревизор, Максим Ацевски.
„Главниот механизам за борба против ова е транспарентност. Тука се нормално инспекции и служби и така натаму, но јас цело време тоа го зборувам, дека ние не можеме да имаме толку инспектори, колку што луѓето можат да направат глупости. И за жал такви сме и како поднебје, не зборувам само кај нас, туку во овој дел на Европа. Меѓутоа со транспарентноста навистина направивме голем исчекор. И тоа е главниот механизам за борба против корупцијата. Мислам дека нивото на транспарентност, особено во Владата и министерствата е прилично е поголема од други институции“, изјави Манчевски зборувајќи за присуството на корупцијата во администрацијата и борбата против неа.
„Како граѓани не можеме да гледаме во секоја активност дека постои корупција. Секогаш треба да зборуваме на кој начин треба да превенираме кај корупцијата и секогаш кога зборуваме за репресија секогаш мојот став е дека треба да се превенира. Само на тој начин можеме да создадеме култура на однесување која што ќе биде пример за останатите учесници“, одговори Ацевски на прашањето за присуството на коруптивните елементи во политичкото финансирање на изборната кампања.
На овие теми ЦИВИЛ Медиа разговараше и со претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска и потпретседателката на ДКСК, Катица Николовска. Сите интервјуа можете да ги погледнете на Youtube каналот на ЦИВИЛ – CIVIL Macedonia и на веб страницата civilmedia.mk
камера и монтажа: Ариан Мехмети