Мониторинг тимот на ЦИВИЛ од вчера вечер до денес регистрираше и архивираше дваесетина содржини со говор на омраза и дезинформации на социјалните мрежи. Професорката и кандидатка за пратеник Мирјана Најчевска е мета на говор на омраза на социјалната мрежа твитер. Разрешениот судија Панчевски шири лаги и дезинформации за СДСМ и ДУИ.
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ меѓу другите објави на Панчевски, забележа и говор на омраза кон ЦИВИЛ, односно за иницијативата „Гласај“. Истата објава еден час подоцна се појавува и на Фејсбук профилот на Миленко Неделковски, каде има десетици коментари со говор на омраза кон Перо Арсовски.
Лажните патриоти од ВМРО ДПМНЕ или БМПО ДПМХЕ. Содржините можете да ги прочитате на цивилмедиа на македонски јазик, и на дрејт, на албански јазик.
ЦИВИЛ продолжува со иницијативата „Гласај“ на социјалните мрежи, за да им даде поттик на граѓанките и граѓаните да го искористат своето право на глас и да излезат на гласање на 15 јули. Изборите нѐ затекнаа во време на пандемија кога заштитата на јавното здравје е приоритет. Затоа, ЦИВИЛ повикува на гласање, но и на максимално придржување кон мерките за заштита од коронавирусот на денот на гласањето.
Познати јавни личности, граѓански активисти, актери, музичари, новинари ја препознаа важноста на правото на глас и зошто е потребна излезноста на 15 јули и ја поддржаа инцијативата на ЦИВИЛ. Така, оваа иницијатива ја поддржаа: Перо Арсовски, актер и голем поборник за демократски и европски вредности, Дорина Ајдини, граѓанска активистка и популарна ТВ водителка, Ирена Стеријовска, режисерката и активистка, музичарот Мирко Попов, познат и како ПМГ Колектив, Анита Латифи, новинарка и активистка, Зоран Кардула, дизајнер и активист, Бубо Каров, мултимедијален уметник, Катерина Колозова, универзитетска професорка и граѓанска активистка, и други. Видео содржините со пораки од секој поединечно можете да ги проследите на Фејсбук страницата цивил.мк.
Финансирањето на политичките партии е во посебен фокус на организацијата, а на тој сегмент работи посебен тим со будно следење и анализирање на активностите на политичките партии и нивните кандидати за време на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори.
Политичкиот мегдан на овие избори се пресели на Фејсбук
Во ситуација кога традиционалните пристапи, како демонстрирањето бројност преку класичните предизборни митинзи и непосредниот контакт со гласачите во походите „од врата до врата“ се надвор од игра, партиите можат да си дозволат (а и немаат друг избор) да пренасочат голем дел од буџетите што инаку би го потрошиле на скапите бини, озвучувањето и автобусите за митинзи – во рекламирање на социјалните мрежи.
Анализите на мониторинг тимот што го следи финансирањето на политичките партии можете да ги прочитате на цивилмедиа на македонски јазик, и на дрејт на албански јазик.
Потсетуваме: Мониторинг тимот на ЦИВИЛ секојдневно детектира и архивира содржини со говор на омраза и дел од тие ги објавува на својата медиумска платформа. ЦИВИЛ ги повикува надлежните институции да се ангажираат максимално во спречувањето на ширење на говор на омраза, и да ги санкционира соодветно. Говорот на омраза во едно цивилизирано општество никако не треба да биде дозволено, и треба да се искорени. Личните ориентации, било да се верски, политички, сексуални и други, во едно демократско општество што се стреми кон цивилизациски и европски вредности, не треба да се предмет на дискусија, љубопитност од злоба, дискриминација и лични перцепции за тоа како треба да изгледа и да се однесува одредена личност, и да исполнува „критериуми“ по нечиј вкус, а посебно кога таа личност не загрозува ничиј идентитет и интегритет.
Камера и монтажа: Ариан Мехмети