Предвремените парламентарни избори во Република Северна Македонија се одржаа на 13, 14 и 15 јули. На 13 јули гласаа граѓаните заболени од Ковид- 19 од своите домови каде што се наоѓаат во самоизолација, на 14 јули гласаа болните, изнемоштените и граѓаните во казнено поправните домови.
Општа оценка на изборниот процес, според првичните резултати од обработените извештаи од мониторингот на ЦИВИЛ, е дека имавме уште еден деликатен, но успешен, демократски, слободен и безбеден изборен процес во РСМ, но сепак, исполнет со тензии на повеќе места низ земјата, како и со голем број помали или поголеми пропусти, па и нерегуларности.
За време на броењето на гласовите од изборните комисии во Државната Изборна Комисија, се случи напад врз сајтот на Комисијата, којшто предизвика застој на работата и беше недостапен за јавноста. ДИК го продолжи броењето на гласовите рачно, и со првични (неофицијални) конечни резултати излезе вечерта на 16 јули.
Партиите поднесоа 2142 приговори за изборни нерегуларности до Државната Изборна Комисија. Сите приговори се одбиени.
Дел од партиите најавија жалби до Управен суд, а потоа ДИК ќе излезе со конечните официјални резултати за добиените мандати.
На денот на изборите, на 15 јули ЦИВИЛ одржа пет прес конференции со наоди од извештаите на набљудувачите. На 16 Јули, ЦИВИЛ одржа панел дискусија на темата постизборни анализи и оценки на кој се обратија Сашо Орданоски, Јасна Бачовска и Висар Адеми. По панелот, ЦИВИЛ одржа прес конференција со прелиминарни информации за денот на изборите.
Мониторинг тимовите на ЦИВИЛ од 20 јуни започна со набљудување на изборната кампања во делот на финансирањето на политичките партии, лажните вести, дезинформациите и говорот на омраза, како и активностите на политичките партии за време на изборниот молк.
Овој изборен процес го придружуваше жестока црна кампања, која не го изостави ни ЦИВИЛ. Дел од нападите беа и сè уште се насочени против поединци кои се дел од организацијата. Воедно, забележани се и десетина случаи на директен притисок и закани врз набљудувачите да се откажат од својата позиција на изборни набљудувачи на ЦИВИЛ.
Организацијата е отворена за сите информации за изборни нерегуларности и кршење на човековите права и слободи, без оглед на тоа дали доаѓаат од граѓански пријави, партиски извори или од други невладини организации.
камера и монтажа: Ариан Мехмети












