Референдумот „за“ или „против“ доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини, злато и бакар, односно, за изградба на отворен рудник во Гевгелија е закажан за 23 април (недела).
Распишувањето на референдум за ова прашање ги обедини советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, кои донесоа едногласна одлука.
Референдумското прашање гласи: „Дали во Општина Гевгелија треба да се дозволи отворање и изградба на рудници на минерални суровини?
На оваа одлука ѝ претходеше кампањата на граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“, во која активистите ги посочија проблемите што би произлегле од започнувањето со работа на отворен рудник.
„Штетата е катастрофална, неспоредливо поголема од користа, не може да се стави на вага… Овој тип рудници подразбира уништување на природата! Кожув е една од најбогатите планини со букова шума и некој сега решава дека треба да се уништат 3.900 хектари и да се наруши целиот биодиверзитет. Понатаму, во следна фаза, земјата се третира со цијанид што има својство од рудата да го извади златото и бакарот. Во процесот се испушта од 10 до 15 тони висококанцероген прав што содржи арсен, талиум, сулфурни оксиди. Тоа значи, од првиот ден ќе дишеме таков воздух, што воздухот во Скопје ќе биде перфектна еколошка оаза. Прашината, покрај негативните ефекти врз луѓето, ќе го контаминира и висококвалитетното земјоделско земјиште во Гевгелискиот Регион“, изјавија за ЦИВИЛ Медиа од „Спас за Гевгелија“, по донесувањето на одлуката за распишување референдум.
Како што велат оттаму, периодот до 23 април, ќе го искористат за едукација на населението за предностите и далеку поголемиот број недостатоци од изградба на рудникот. Како што велат еколозите, целта е да им се помогне на гевгеличани да донесат правилна одлука.