ВОЈО МАНЕВСКИ
Кризата веќе ги покажува сите свои лица и наличја. Како таа се продлабочува така се редат совети од разни светски институции за методите за справување со кризата. Но, се јавуваат и појави кои се познати во економијата, секогаш кога поради криза се разлабавува правната држава. Според хрватскиот економист Милас на дело е нова „ријалити култура“ и „ријалити економија“, која е повеќе подземна отколку во рамките на правото и правилата на рамноправни услови при економската активност. Милас реди карактеристики на оваа појава што ја опишува како олабавување на моралните правила до последниот степен. Интересна е неговата анализа за користењето на лажните вести кои ја поткопуваат конкуренцијата, а тој ја става во контекст на новата појава на слаба контрола и слаби правни последици.
Кај нас изгледа сѐ уште не сме го разбрале постоењето на оваа појава која може да доведе до затворање на капацитети и губење на работни места. Јас би претставил два документи кои кај нас некако поминуваат како вест од временската прогноза. Прв таков документ е извештајот на европската комисија каде се нотирани слабостите на нашата економија и опасностите за неа во кризата која изгледа сѐ уште не доспеала до својот врв. Прва опасност за нашата економија е недостатокот на нејзината ликвидност поради исцрпеноста од претходната КОВИД криза. Помошта кон економијата треба да биде кон подобрување на нејзината ликвидност за да не падне призводството и се зголеми бројот на невработено население и пад на растот на БДП под еден процент. Овде имаме добиено препорака и за реформи во даночната политика, поради големиот дел на сива економија која го намалува ефектот на финансиските мерки поради зголемувањето на буџетскиот дефицит. Пресметките на европските скенери е дека имаме 28% неоданочена основица што секако е непријатен показател за нерамноправноста на даночните обврзници.
Најновата анализа на Светската банка е подетална, посебно околу поттикнување на структурните реформи, кои се веќе шест-седум години застанати. Овде се препорачува цел сет на финансиска поддршка на банките кон одржливото и конкурентно производство. Банките не смеат да бидат обезбедени со двојна или тројна вредност на сопствените пласмани, при што го сведуваат својот ризик на пласмани на минимум. Тоа ќе значи дека ако банките продолжат да работат како до сега и не понудат палета на кредити за реструктурирање на долговите, кои ќе бидат подносливи за економијата во криза, едноставно ќе ги стават во стечај економските капацитети и ќе станат сопственици на нефункционални економски капацитети од кои никој нема да има корист. И да ги продадат таквите економски капацитети тоа нема да значи продолжување на производството.
Таквите компании поради и онака недостатокот на квалификувана сила не се во состојба да го организираат претходниот производствен процес. Се прави споредба со појавата на падот на цените на недвижностите во Полска или Италија каде последиците се сопственост над илјадници станови кај банките, но во тие станови никој не живее, а пропаѓаат заедно со капиталот на инвеститорите. Оваа опасност е посебно голема, таму каде заштитата од правната држава е недоволна или слаба. Едно од правилата кое посебно се заштитува со комплексот сопственички права е заштитата од лажните вести и намалувањето на довербата во некој учесник во економскиот живот или популарно речено, направена штета врз интегритетот. Таквата заштита се прави поради појавата на користење на лажните информации за да се намали приходот на компанијата, поради зголемената недоверба кај коминтентите за нејзината финансиска ликвидност. Со тоа се намалува угледот на компанијата и доаѓа до нејзина финансиска слабост или стечај. Вакви анализи можете да прочитате во стручните списанија од областа на економијата каде има и конкретни примери за лошите последици, но и примери кога правниот систем реагира на пуштањето на лажни вести со цел да се наштети на компанијата. Од вакви постапки не се ослободени ниту социјалните мрежи кои се носители на појавата… ријалити култура.
Како стоиме ние во светло на анализите и препораките на светската банка? Познавачите велат дека структурните реформи навистина се закочени, но е закочена и една битна реформа, а тоа е положбата на банките во нашиот финансиски систем. Засега кој и да се обиде да направи анализа или критика упатена кон банките, се соочува со едноставна игноранција или со жестока последица а сѐ со објаснувањето дека банкарскиот систем е стабилен. Проблемот пред сѐ е во државните обврзници и зависноста на државата од кредитирање на домашниот финансиски пазар. Се сеќавате ли на предложените мерки во почетокот на КОВИД кризата, поврзани со дивидендата и поволното кредитирање преку комерцијалните банки. Ниту еден дел од предложените мерки не се прифати ако ја доведуваа во опасност добивката на банките, а државата целиот процес на КОВИД кредити ги правеше преку банката за развој. Познавачите велат дека комерцијалните банки заработија за време на кризата големи профити, а неликвидноста на економијата се зголеми како и задолженоста на државата до над 60% од БДП.
Како ова се одразува на микро план во градовите во Македонија каде е тешко да се задржат деловните тајни, но и многу е лесно да се наруши нечии углед? Според низа на мислења кои се слушаат во Штип имаме една таква појава на ријалити економија. Една од најголемите банки со филијала во Штип има низа на пласмани во трговски и производствени компании. Намалувањето на куповната моќ на населението и зголемениот број на трговски компании ја заострува конкуренцијата, но и беспоштедната борба за опстанок при што не само се напушта фер односот меѓу компаниите, туку со помош на банката се отстранува конкуренцијата. Намалувањето на конкуренцијата значи поголем број на коминтенти и стабилни посакувани цени на оние што ќе останат на пазарот и поголеми добивки што се разбира е на штета на граѓаните. Ја пренесувам постапката според познавачите на целата операција. Банката има податоци за движењето на ликвидноста на компаниите кои се нејзини коминтенти, но добива податоци и преку кредитното биро и за компаниите што не се нејзини коминтенти. Впрочем ние сме мала држава каде до информации лесно се доаѓа. Втор дел од процесот е пуштање на лажни или полу лажни информации за финансиската состојба на компанијата, врз која се прави целата операција. Се пуштаат „проверени“ информации дека компанијата нема можноста да ги сервисира долговите, а за таа операција се користат и веќе одобрените кредити, при што се доцни од недела или две на уплатата на сметката на компанијата што доведува до потврда за нејзината состојба и неможност да ги исплати доспеаните обврски. Кога се направи атмосфера на недоверба во сопственикот или во целата компанија, приходната страна поради недоверба се намалува и постепено компанијата доаѓа на работ од ликвидноста.
Тогаш банката се појавува со своите редовни барања за ануитетите и ја бутка компанијата зад работ на ликвидност. Новите барања за поволни кредити не ги одобрува или бара тројно обезбедување на кредитот, кој ретко која компанија може да прифати. Ако се работи за трговска компанија, како што е еден актуелен случај, тоа значи недоверба на добавувачите на стока и прекин на ланецот на ликвидност за неколку месеци или уште за помалку време. Кога расположливата стока се продаде, а средствата не се доволни за трошоците на работењето, компанијата мора да посегне кон недвижностите ако ги поседува. Ако нема доволно недвижности во должничката сума се става и личната или семејната сопственост на сопствениците на компанијата.
Пропаста е неминовна како крај на целиот смислен процес. Кога компанијата престане да функционира се ослободува место на пазарот на тргување со стоки и се зголемува прометот на компанијата или компаниите што се во спрега со банката. Сега тие имаат потреба од средства и земаат кредити од банката, а бидејќи кредитите за пропаднатата компанија се двојно или повеќе обезбедени банката не е на губитоци, а плус најчесто се стекнува со недвижности кои ги продава. Банката е секако во добивка и со нови коминтетнти што земаат кредити од неа поради што и влегува во целиот процес на ријалити економија.
Наизглед овде е на дело законитоста на пазарот кој бара способност и знаење, но само на прв поглед. Бидејќи се работи за користење на податоци кои секаде на светот се деловна тајна, целата постапка нема многу врска со слободниот пазар и претприемаштво. Затоа и во развиените држави овој процес е забранет и е под ингеренции на државниот апарат за казнување.
На крај се наметнува заклучокот. Дали ни се потребни препораки од Светската Банка и Европската Комисија за да видиме дека поради вакви марифетлаци ни пропаѓаат компании и се губат работни места. Посебно во време на криза кога солидарноста е една од потребните мерки како и мерките на државата, кои без солидарност и помош во ова време секогаш ќе се недоволни и никогаш нема да се на време. Еднаш овој процес на стечај на производствените и трговските капацитети го преживеавме ако ништо тогаш не научивме, повторениот ист процес тешко дека ќе го преживееме.












