Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија, во таа насока лидери на Европската Унија ќе го посетат Скопје во следните месеци, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас, по поставување камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.
-На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Северна Македонија да се надминат сите преостанати прашања пред да ги отвориме преговорите. Има интензивна дипломатска активност за решавање на ова прашање, високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред, рече Рокас во одговор на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.
Во исто време, додаде Рокас, додека се работи на решавање на ова прашање, треба да се продолжат напорите за имплементирање на реформите што се наоѓаат во Реформската агенда, усвоена согласно Планот за раст за Западен Балкан.
На истото новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата.
Известувачот на Европарламентот за земјава Томас Вајц, при посетата на Скопје на крајот на февруари, во интервју за Агенда 35 на МРТ, рече дека се потребни јасни изјави од ЕК, Советот на ЕУ и од Владата во Софија, како гаранции што земјава ги бара дека по усвојување на уставните амандмани нема да има нови непринципиелни вета од Бугарија.
-Факт е дека билатералните прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија се еднаков дел од преговарачкиот процес. Ни требаат јасни изјави од Европската комисија и од Советот и ќе ни треба изјава и од бугарската Влада дека со вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот билатералните прашања што треба да се решаваат низ преговарачкиот процес се исполнети и дека нема да има веќе дополнителни барања ставени на масата, а поврзани со преговарачкиот процес. Кога се работи за соседски прашања, ова е долг процес, јас сум австриски државјанин и ни требаа 50 години за да дојдеме до заедничко разбирање, за нашата заедничка историја. Сите имаме историја заедно, понекогаш многу болна историја заедно, треба да му го дадеме на тој процес времето што си го бара, посочи Вајц, пренесе МИА.