Засега се пријавени тројца кандидати за градоначалници на предвремените локални избори во Штип. Како независен кандидат се пријавил Трајче Митев, СДСМ го кандидираше д-р Сашко Николов, а ТМРО го предложи Лазар Наумов.
Што се однесува до Општина Пласница, засега се претпоставува дека ДУИ за кандидат го предлага братот на досегашниот градоначалник Исмаил Јахоски, Алија Јахоски.
Иако рокот за пријавување во Државната изборна комисија истекува на полноќ, сепак Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучил да не му предложи на Централниот комитет кандидати за градоначалници за учество на локалните избори во Штип и Пласница, поради состојбата со Ковид-19.
Предвремените локални избори во Штип и Пласница,предвидени за 13 декември, се закажаа како резултат на промена на функцијата на досегашните градоналници. Градоначалникот на Пласница Исмаил Јахоски стапи на функција пратеник во Собранието, а Благоја Бочварски стана министер за транспорт и врски.












