Анахроното однесување на Русија почнува да загрижува. Барањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Женева во петокот (21 јануари), за време на разговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, Бугарија и Романија да се вратат во 1997 година, не е ништо друго туку во најмала рака смешна иницијатива за обновување на СССР. Русија притоа заборава дека Бугарија и Романија се самостојни и суверени држави членки на Европската унија и НАТО и дури и кога би сакале да се вратат под чадорот на Москва, обврзани се да ја следат заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и Алијансата.
Дали Русија, како и Сталин во 1928 година, сака да го смени ликот на светот? Дали затоа ваквите идеи ги зацртува во своите „петгодишни планови“ кои, еден по друг, сѐ до 1991 година (распадот на СССР), имале функција само да ја поправат штетата на претходно донесените планови? Притоа, оставајќи го рускиот народ во одредени периоди буквално гладен. Притоа, употребувајќи изгладнување како оружје за дисциплинирање. Од 14.5 милиони луѓе кои во тој период умреле од глад, скоро 4 милиони биле од Украина, поради што, во 2006 година, последиците од тогашниот „петгодишен план“ Украина ги прогласи за геноцид – Холодомор.
Иднината гледана во ретровизор
Сергеј Лавров во текот на разговорите ги повторил барањата на Москва НАТО да не се шири на Исток и од Бугарија и Романија да ги повлече целата своја опрема, персонал и оружјето во состојбата од 1997 година.
„НАТО работи против Русија и затоа Москва е категорично против ширење на овој блок кон Исток. Алијансата е формирана против Советскиот Сојуз, а сега работи против Русија. Целата хистерија која Западните држави ја шират околу Украина е насочена за да се прикријат вистинските намери на Киев да не ги испочитува обврските и она што е договорено во рамките на разговорите во Минск“ – изјави Лавров.
Блинкен, по разговорите во Женева, најави дека САД ќе подготват писмен одговор во врска со руската иницијатива.
„Му кажав на Лавров дека ќе направиме консултации со сојузниците и партнерите и очекувам дека следната недела ќе можеме подетално, во писмена форма да го споделиме нашето мислење со руската страна и да одговориме на загриженоста на Москва“ – изјави Блинкен.
Набљудувачите на разговорите во Женева оценуваат дека средбата била директна, искрена и корисна и дека е важно дипломатскиот процес за безбедносните предизвици да продолжи.
Но Блинкен, со целата сериозност, го предупредил Лавров дека Москва ќе се соочи со брз, сериозен и заеднички одговор на сојузниците доколку ја нападне Украина.
„Бевме јасни, доколку руската војска тргне преку границите на Украина, тоа е обновена инвазија и Москва ќе добие брз, обединет одговор на САД и партнерите и сојузниците“ – изјави Блинкен пред новинарите во Женева.
Меѓутоа Бајденовите критичари во Конгресот барат поостар однос на САД кон Путин и очекуваат неговиот фокус да се стави на запирање на инвазијата, а не на тоа што Америка и сојузниците ќе преземат доколку се случи напад на Украина. Тие сметаат дека Русија ќе биде во предност ако изврши инвазија и ситуацијата потоа ќе биде многу покомплицирана.
Меѓутоа, како што Бајден неколку пати повтори по разговорот со Путин, целта на САД не е да ја внесе Украина што побргу во НАТО, но нема ни да дозволи на некоја надворешна сила да се меша во нејзините одлуки. Да се окупира една земја е прескапо и материјално и по цена на човечки животи.
Опипување на пулсот
Професорот Мајкл Кимиџ, од Вашингтон, историчар и експерт за Студената војна и Русија, вели дека следните недели се клучни. Тој смета дека е добро што разговорите се одвиваат со смирен тон, соговорниците се љубезни еден кон друг.
„Мислам дека зад оваа јавна дипломатија која што сите ја гледаме има и друг вид на дипломатијата и сериозно движење, лобирање и писмена коресподенции меѓу двете страни. Мислам дека ова што го гледаме не е целата приказна и мислам дека Путин сѐ уште не е до крај решен што да направи. Се доведува во незгодна позиција од која ќе му биде тешко да се повлече. Тој се надева дека ќе успее да создаде пукнатини и поделеност меѓу сојузниците кои не сакаат ситуацијата да се заострува и во наредниот период ќе го опипува пулсот на претседателот Бајден и трансатлантската заедница за да види што може од тоа да извлече, пред да се одлучи на некој порадикален чекор. Широка инвазија кон Украина носи огромен ризик за самата Русија“ – оценува Кимиџ.
Блинкен пред новинарите изјави дека Русија има разни методи и пристапи за агресија, користи паралелни тактики за напад без да влезе во директна воена акција. Тука ги вклучи и сајбер нападите и пропагандата. Но од изјавите на државниот секретар Блинкен се гледа дека и ваков тип на агресија, доколку Русија го продолжи, ќе биде пресретнат од сојузниците со соодветен и заеднички одговор.
Известувачот на Еуроњус вели дека двете страни за сега остануваат цврсто на своите ставови и заробени се во своите позиции. „Лавров ја обвинува Америка дека ги преувеличува можностите дека Русија ќе ја нападне Украина, каде што руските сили се во конфликт со тамошните власти од 2014 година и дека САД шири паника. Тој ја обвинува и Украина за саботажа на мировниот процес кој е започнат во Минск. Лавров „се колне“ дека Русија никогаш не се заканувала на украинскиот народ и не ја одобрува оваа хистерија која, како што вели ја шират западни колеги.“
Аналитичарката Галина Полинскаја за Евроњус вели дека Путин уште нема донесено крајна одлука како ќе се однесува кон Украина, а кај руската елита сѐ уште нема консензус околу ова прашање. Истовремено, во Белорусија се во тек големи воени вежби од каде што Украина може да се нападне на неколку фронта. „Ситуацијата е тензична, а решение не се гледа“ – рече Полинскаја.
Шона Мурај, дописничка на Евроњус, вклучувајќи се од Женева, вели дека Лавров со груби зборови ја напаѓа Украина дека ги користи Брисел и меѓународната заедница за да го потсети светот за сопственото постоење. Таа оценува дека во овој случај улогата на Брисел е малку преувеличена, и доаѓа од луѓе и групи надвор од Европска Унија. „Во ЕУ никој не сака воен конфликт, особено не со Русија и тоа е цврста позиција на Брисел. Но доколку продолжи ваквата напнатост и закани кон Украина, Брисел ќе подготви документ и ќе ги дефинира своите ставови и евентуални санкции кои би се насочиле кон Москва.“
„Европа не би смеела да се однесува маргинално кон овој конфликт бидејќи е засегната од постоечката состојбата. Да потсетиме дека санкциите кои беа воведени против Русија во 2014 година беа санкции на Европска Унија. За жал мислам дека Европска Унија во овој момент не може да си го види своето место во оваа ситуација. Следните недели се клучни. Западната позиција е дека НАТО нема да се повлече и дека нема да ја запре експанзијата кон Исток, а особено нема да се врати во рамките од 1997 година како што тоа Русија го посакуваат во своите барања“ – вели Мајкл Кимиџ.
Бугарија и Романија загрижени, но не и исплашени
Бугарскиот премиер Кирил Петков и шефот на државата Румен Радев го отфрлија повикот на руското Министерство за надворешни работи за повлекување на „странските сили, опрема и оружје“ од Бугарија и Романија.
„Бугарија е суверена држава и ние одамна го направивме нашиот избор со тоа што станавме членка на НАТО. Како такви, одлучуваме одбраната на нашата земја да ја организираме во координација со нашите партнери“, рече Петков.
Премиерот Петков коментираше и дека Договорот од Вашингтон, основачкиот документ на НАТО, не предвидува „втора категорија земји-членки“ за кои колективната одбрана треба да се применува селективно или во ограничен обем.
Прес-службата на шефот на државата Румен Радев објави соопштение во кое се наведува дека „инсистирањето на Русија за повлекување на силите на НАТО од Бугарија е неприфатливо и бесмислено“. Претседателот прецизира и дека во Бугарија нема постојани сојузнички контингенти и воена опрема.
„Суверената одлука за такво постојано присуство или привремено распоредување ѝ припаѓа на Бугарија, во согласност со нашите сојузнички обврски“, се вели во изјавата на шефот на државата. „Нашата земја не прифаќа ултиматуми од никого“, рече тој.
Министерството за надворешни работи со соопштение потсетува дека бугарските војници се војници на НАТО, а оние на сојузниците не се туѓи за Бугарија. Ја повикуваме Руската Федерација да покаже почит кон свесниот надворешнополитички избор на Република Бугарија за членство во НАТО“, се вели во соопштението. Петков ја повика Русија „да остане посветена на конструктивен дијалог за деескалација“.
И Министерствата за надворешни работи во Софија и Букурешт, во своите декларации исто така, го отфрлија барањето на Русија.
„Бугарија има договор со САД за распоредување до 5.000 војници на ротирачка основа. Борбените групи на НАТО имаат вкупно околу 5.000 војници на Балтикот и Полска. Алијансата, исто така, размислува да го зајакне своето присуство околу Црното Море, на пример во Романија и Бугарија, со слично распоредување.“
До медиумите беше испратена декларација од ГЕРБ – „Пред околу еден месец, Руската Федерација објави пакет со неприфатливи ултиматуми до НАТО. Најзначајни од нив, кои директно ја засегаат Република Бугарија, се барањата на НАТО да ја повлече целата своја опрема, персонал и оружје во состојбата од 1997 година. Бугарите се суверена нација и ние самите одлучуваме за гаранциите што и се потребни на одбраната на нашата земја. Бугарија го направи својот избор, тој е јасен и недвосмислен. Нашата национална безбедност е загарантирана во сојуз со НАТО.“
Франција е со Романија, Турција нуди посредништво
„Романија ги нарече барањата неприфатливи, а Макрон најави дека Франција е подготвена да испрати војници во Романија доколку НАТО одлучи да го зголеми своето присуство таму. НАТО членовите разговараат за распоредување војници во регионот на Црното Море како дел од нивните мисии за „засилено присуство“, слични на оние во Полска и балтичките земји по руската анексија на Крим во 2014 година.
Турција се понуди да посредува во решавање на конфликтот помеѓу Русија и Запад. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека спорот меѓу Русија и Украина мора да се реши дипломатски.
Александар Николиќ Писарев












