Генералниот директор на украинската нуклеарна централа Запорижје, која е под руска окупација, е уапсен од руска патрола, соопшти Енергоатом, државната компанија задолжена за електраната.
Ихор Мурашов бил приведен вчера попладне на пат од најголемата европска нуклеарна централа кон градот Енерходар, изјави директорот на компанијата Петро Котин.
Тој бил извлечен од автомобилот и со врзани очи однесен во непознат правец, напиша Котин на социјалната мрежа Телеграм, додавајќи дека засега нема информации за судбината на Мурашов.
Неговото приведување од страна на Русија ја загрозува безбедноста на Украина и најголемата нуклеарна централа во Европа, истакна Котин и побара од Русија веднаш да го ослободи Мурашов.