Амбасадата на Руската федерација во Скопје не сака да го коментира разговорот на руските комичари Владимир Кузенцов и Алексеј Столаров со премиерот Зоран Заев, велат од Амбасадата за „Независен весник“.
„Амбасадата не коментира активности на приватни лица, особено не шеги на комичари“, велат од руската амбасада.
Премиерот Заев на вчерашната прес-конференција изрази жалење што завршил на списокот на руските комичари, потсетувајќи дека пред него на истата листа завршиле и францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Турција, Реџетп Тајип Ердоган, првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг и други јавни личности и политичари.
„Немам намера да поднесам оставка, од овој процес ќе излеземе само посилни, не мислам дека треба да ја ‘стегнам‘ мојата комуникативност, сакам да разговарам да споделам информации, јас сум многу достапен, но за жал ваквата отвореност носи вакви горки чувства“, додаде Заев.
На прашањето како се дозволиле вакви разговори, Заев објасни дека се почитувани сите протоколи на поврзување, кога некој бара комуникација со премиерот и со други функционери.
А. П.