Руските сили на 25 август убиле двајца цивили и раниле уште шестмина во регионот на Доњецк, изјави Павло Кириленко, шеф на регионалната воена управа на Доњецк на својот канал Телеграм, пренесува Укринформ.
„На 25 август Русите убија двајца цивили во регионот на Доњецк: во Сиверск и Зеленопилија. Уште шестмина беа повредени“, напиша тој.
Според него, во моментов е невозможно да се утврди точниот број на жртви во Мариупол и Волноваха.
Руските трупи во текот на ноќта девет пати ја гранатираа областа Днипропетровск, напиша ова на својот Телеграм канал Валентин Резниченко, шеф на регионалната воена управа на Днипропетровск.
„Ноќ со девет гранатирања. Три области беа под непријателски оган. Руската армија синоќа пет пати ги гранатираше областите Никопол, Синелникове и Криви Рих, користејќи Градови и тешка артилерија“, напиша тој.
Според него, во Никопол биле оштетени десетина приватни куќи, училиште, санаториум и далновод. Без струја останаа и до 1.000 локални жители. Електричарите веќе го обновуваат снабдувањето со електрична енергија. Луѓето не се повредени.
Пет гранати „Град“ ја погодија заедницата Марханец и десет гранати испукани од тешка артилерија ја погодија заедницата Червонохрихоривка. Не се забележани разурнувања или жртви.
Две заедници во областа Синелникове беа под ракетно гранатирање. Непријателските сили оштетија земјоделско претпријатие во една заедница и компанија за одржување на патишта во друга. Се запали хангар со опрема. Пожарникарите веќе го изгаснаа пожарот.
Во областа Криви Рих, непријателот ги погоди заедниците Зеленодолск и Широке. Не се забележани разурнувања и жртви.
Подготви: Д.Мишев