Законот за заштита на вредностите од војната и на Ослободителната Восјка на Косово, кој беше предложен од Демократската Партија на Косово и деновиве треба да се разгледа во Собранието на Република Косово, наиде на строги реакции од западните престолнини.
Како САД, така и ЕУ, и најсилните европски земји, изразуваат загриженост за содржината на законот кој предвидува казни за секое обвинување кое во иднина би се насочило кон припадници или раководството на ОВК. Амбасадорот на САД, Филип Коснет, во неговата реакција на социјалните мрежи и во една колумна објавена во косовските медиуми, рече дека немаат ништо против ОВК или војната во 1999. Но ставот на САД, потенцира тој, е дека законот ја ограничува слободата за изразувањето и го загрозува правото да се изнесе различен став. Ако се донесе таков закон, никој ќе нема право да каже различно мислење за учесниците на таа војна.
„Основната работа која се загрозува со тоа е фактот дека се минира слободата на изразувањето. Иако Уставниот Суд на Косово би била таа инстанција која ќе дефинира дали овој закон се коси со Уставот на Косово, јас верувам дека најмалку што може да се каже е дека законот е во спротивност со духот на тој документ. Ако критиката кон одредени класи на луѓе, организации и интерпретацијата на историјата станат кривично дело, како што се предлага со овој закон, тогаш тој би произвел страшен ефект врз слободата за изразување. Би ги исплашил граѓаните, од секоја етничка заедница, кои сакаат да понудат мислења или толкувања надвор од стандардните, би создал сенка на страв и несигурност во политичките говори и ќе ја отвори вратата за создавање на селективни и тенденциозни тужби“, напиша амбасадорот на САД.
Ваквиот став на амбасадорот Коснет, за кратко време доби поддршка од неговиот колега од Германија, новоименуваниот амбасадор Јорн Рохде.
„Го делам мислењето со мојот американски колега за овој предлог закон. Во едно демократско општество не е добра идеја да се задуши дискусијата, со ограничување како што е еден кривичен закон”, напишал германскиот амбасадор на неговиот профил на Твитер.
На иста линија со САД и Германија, се изјасни и канцеларијата на ЕУ во Приштина. Тие тврдат дека ОВК е дел од вредностите на косовската држава, но предложениот закон го загрозува слободното и различното размислување и изразување.
„Ослободителната Војска на Косово е интегрален дел на историјата на Косово. Предлог законот за заштита на вредностите на војната и на ОВК, сепак содржи прописи кои иницираат сериозна загриженост во врска со правото на луѓето да имаат свое мислење. Овие законски прописи ја минираат и пенализираат слободата на изразување, главен елемент на основните европски вредности и основните права гарантирани со Уставот на Косово и Европската Конвенција за човекови права“, стои во писменото обраќање на амбасадата на ЕУ испратено до косовските медиуми.
А. Зеќири