САД и Холандија изразија цврста поддршка за Сепцијалното јавно обвинителство како клучно за враќање на довербата на јавноста во правосудството, на церемонијата за Денот на правосудството, која се одржува два дена во Скопје.
Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп рече дека Холандија уште од основањето го поддржува Специјалното јавно обвинителство.
„СЈО го даде клучниот придонес во борбата против корупцијата и организираниот криминал”, рече Пломп.
В.Д. амбасадорката на САД во земјата, Микаела Швајцер Блум, изјави дека според мислењето на Вашингтон, Специјалното јавно обвинителство мора да има независност и можност да работи во сите отворени случаи.
Додека деновиве се одлучува за судбината на СЈО, Блум изјави дека регуларното и специјалното обвинителство и нивните напори за гонење на корупцијата се предуслов за граѓаните да ја вратат својата доверба во судскиот систем.
„Сметаме дека за време на овие разговори треба да се има на ум дека секој граѓанин на Северна Македонија треба да има таква доверба во своите институции, да има очекување за еднаква правда и сметаме дека независното СЈО во рамките на редовното е важен чекор пред нас”, истакна Микаела Швајцер – Блум, вршителот на должност амбасадор на САД во Скопје.
М. И.