И додека, како што соопштија од кабинетот на претседателот, Ѓорѓе Иванов е во Анкара на свечената церемонија по повод инаугурацијата на Реџеп Таип Ердоган за Претседател на Република Турција, премиерот Зоран Заев е на Самитот ЕУ-Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес што се одржува во Лондон.
Самитот ќе трае два дена, а премиерот Заев ќе учествува во неколку работни групи, ќе зборува на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, со кој ќе претседава британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон и некаде на маргините предвидена е средба со Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Од Лондон Заев заминува за Брисел каде ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО.
Самитот на НАТО е значаен поради очекувањата на Македонија да добие покана за членство во Алијансата.
Во меѓувреме поради еден од условите за влез во ЕУ, решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција, секојдневно се блокира центарот во Скопје поради протестите „во одбрана на името“. Револтот против Договорот, пред Собранието го изразуваат десетина граѓан(к)и со транспаренти и патриотски песни и пораки.
Вчера, за истото прашање протести имаше и во Солун и во градовите Хања и Ираклио на грчкиот остров Крит, во Грција. Протести за одбрана на името, со порака дека „Македонија е грчка“, се очекуваат и денеска.
Во контекст на Договорот со Грција и очекувањето на референдумот, добро е да се има предвид дека институцијата задолжена за негово спроведување на национално ниво сè уште не е формирана.
Односно, неделава треба да почне собраниската процедура за избор на новиот состав на Државната изборна комисија, но, сè уште е не се знае кога Комисијата за избори и именувања ќе ја закаже седницата. Огласот за нов состав на ДИК заврши пред две недели, а се пријавија 41 кандидати. Рокот до кога треба Собранието да го избере новиот состав на ДИК е 17 јули.
Во Кривичниот суд за денеска беа предвидени рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тортура“, „Тарифа“, „Тревник“ и „Насилство во општина Центар“.
Б.Ј.