Денеска на прес конференција во Битола, СДСМ го промовираше Христо Кондовски како свој кандидат за градоначалник на Општина Битола на претстојните локални избори.
Ќе ја оправдам довербата и кандидатскиот статус ќе го преточам во градоначалнички мандат, вложувајќи ги сите мои професионални квалитети во мисијата Битола да ја направиме подобро и поубаво место за живеење, изјави Кондовски и посочи дека како докажан и успешен менаџер во функција ќе ги стави сите свои знаења, вештини, способности и контакти со цел Општина Битола да продолжи по патот на развојот и просперитетот со една забрзана динамика.
Тој нагласи дека наскоро, согласно со изборните правила, ќе ги презентира своите проекти и концепти за развој на градот преку изборната програма во која се вклучени сите сугестии, предлози, барања на сопартијците, и ќе одговори на очекувањата на битолчани за понатамошен просперитет на општината.
Знам дека не чека многу работа, но да работам напорно- единствено така знам. Мојата нaмера е да обезбедам континуитет на она што е досега сработено во мандатот на почитуваната градоначалничка Наташа Петровска, но и да овозможам со уште повеќе работа тоа да се надогради и развива во посакуван правец за сите граѓани на Битола. Ќе работам домаќински, одговорно и транспарентно, посветено и со љубов како што сите ние секој ден треба да работиме на обврската Битола да биде уште поубаво место за живеење, истакна Кондовски.