Првите антиковид вакцини од „Фајзер“ од директно склучениот договор со овој производител се очекуваат во земјава во средината на февруари. Се чека прецизирање и на терминот кога ќе ги добиеме вакцините од КОВАКС-механизмот на Светската здравствена организација, како и известување за вакцините што ќе ни ги отстапат солидарно земји членки на ЕУ. Но, пред сите треба да стигнат вакцините од Србија, за што е потребна согласност од „Фајзер“, а се наменети за здравствените работници во КОВИД-центрите, пренесува МИА.
Премиерот Зоран Заев вчера соопшти дека контактирал со неговата српска колешка Ана Брнабиќ и дека упатил и втора молба до „Фајзер“ за согласност да се извезат од Србија вакцините кои ни се дадени, а и Владата, според него, ургира преку Министерството за здравство.
Тој верува дека барањето ќе биде одобрено и оти вакцините што ни ги отстапува Србија би требало да стигнат најбрзо, односно пред другите што ќе доаѓаат преку трите механизми. Според премиерот, тие ќе бидат доволни за 7850 здравствени работници кои се ангажирани во лекувањето КОВИД-пациенти.
– Верувам дека колку и да се значајни клаузулите во договорите на „Фајзер“ со Србија и на „Фајзер“ со сите други земји, може во предвечерието на добивање на нашите вакцини да ни дадат согласност час поскоро да стигнат вакцините од Србија, изјави Заев.
Поради намалувањето на бројот на заразени, од Владата викендов најавија дека од 1 февруари во план е да се врати администрацијата на работа со полно работно време и во полн состав, односно без ротирање на вработените, откако ќе се побара и дополнително мислење од Комисијата за заштита од заразни болести.
Според одлука на Владата, а по препорака на Комисијата, државната и јавната администрација, општините и судовите, работата ја организираа во смени, на далечина (од дома) или, пак, редуцирано со систем на ротации во зависност од карактерот на работниот процес на институциите.
Од почетокот на епидемијата, бројот на дијагностицирани во земјава достигна 90 654, починати се 2785 луѓе, а оздравени 78 154. Активни случаи има 9715, од кои 5461 се во главниот град.